Поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски, по извршениот претрес во неколку објекти на неговото семејство од страна на Финансиската полиција, ноќеска е однесен на распит кај судија на претходно постапка во Кривичниот суд.

Од Судот засега нема официјални информации за епилогот од  распитот. Нема потврда ниту за информацијата што ја објавија дел од медиумите, дека е побаран притвор за Јакимовски.

Финансиската полиција вчера попладне изврши претрес во неколку објекти на семејството Јакимовски. Од Финансиската полицијата најавија дека денеска ќе соопштаат повеќе информации за акцијата.

Јакимовски, пак, во изјава за медиумите рече дека ова е поврзано со наводни малверзации со три тендери, од кои два за општинската барака и една за плоштадот во Жданец, односно тоа што општината не ги активирала банкарските гаранции, иако ангажираната фирма не ги исполнила одредбите од договорот и договорот бил раскинат.

Според него, станува збор за техничка грешка на општинските служби, а ова е политичка одмазад против него.