Во порнографската група „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“, која брои 5.600 членови, повторно се споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, адреси и телефонски броеви од девојки, пренесуваат повеќе медиуми.

Телевизијата Сител објави дека 22-годишна девојка раскажала оти нејзин пријател ја предупредил дека во групата била објавена нејзина фотографија од Фејсбук, како и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Таа го пријавила случајот во полиција.

Минатата година во истата група беа регистирани седум илјади корисници кои разменуваа експлицитни содржини на девојки од Македонија, од кои дел беа и малолетни. МВР потоа објави дека ја згасна групата.

– Повеќе не постои порнографската група на „Телеграм“ во која имаше над 7.000 членови, а се постираа фотографии и видеа од девојки од Македонија. Избришани се сите членови, откако администраторот на групата самиот се пријави во полиција, а две девојки го пријавија случајот – објави тогаш МВР.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема соодветни мерки и активности во врска со случајот, според информациите во медиумите.