Второобвинетата за убиството на Пино Секондо, Ангела Ѓорѓиевска (22), рече дека не го сторила делото и оти не се чувствува виновна на денешното судење.

Нејзиниот адвокат Еленко Миланов смета дека Ѓорѓиевска е обвинета без ниту еден доказ. Тој посочи дека ќе биде докажано оти неговата клиенка немала никаква поврзаност убиството на Пино.

Мајката на убиениот Пино Секондо, Маја Трпковска се појави во судот како прв сведок на обвинителството, раскажувајќи за нејзиното убиено дете, како дознала дека тој исчезнал и низ што се поминала од неговото исчезнување. 

Убиството се случило на 11 декември 2018 година. Кобната вечер обвинетата Ангела го намамила Пино да дојде кај насипот во населбата Ѓорче Петров.

Кога пристигнал, таму бил веќе дојден осомничениот за убиството, Али Фуркан, кој носел пушка. Фуркан го оставил возилото „опел аскона“ и со „шкодата“ на Пино се упатиле преку обиколница до Арачиново.

Таму застанале во нива и првин се карале по што започнала тепачка, а во еден момент Фуркан со пушката го застрелал Пино во главата.

Мајката на Пино со месеци трагаше по синот, а скелетот беше случајно пронајден на крајот на април годинава. Осомничениот Фуркан е во бегство.