Небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба, кажа поранешниот претседател Ѓорге Иванов, сведочејќи во преметот „Организатори на 27 април“ кој се однесува на упадот во Собранието во 2017 година. Тој додаде и дека јавно го поддржувал движењето „За заедничка Македонија“.

По излегувањето од судот, Иванов пред новинарите посочи дека судот се интересирал за можноста за прогласување воена состојба, за тогашните информации кои ги поседувал, како и за неговиот став за движењето „За заедничка Македонија“.

Поранешниот претседател истакна и оти тогаш „од ниту една служба немал информации за најава на организиран влез на толпа во Собранието“.

Како сведоци на одбраната во овој случај досега сведочеа ракометарот Борко Ристовски, поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. На листата на одбраната како сведоци се пријавени над 40 лица.

Обвинети во случајот се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Тие се обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.