Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“ С600 за кој Специјалното јавно обвинителство покрена обвинение познато како „Тенк“. Пресудата денеска напладне во Кривичниот суд ја изрече претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска.

Судечкиот совет го прифати предлогот на СЈО и определи на Гордана Јанкулоска мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето до извршување на казната од шест години затвор.

Јанкулоска е прогласена за виновна за злоупотреба на службена положба и овластување. Според судот, таа знаела дека се работи за исклучително скапо возило. Осудениот Никола Груевски ја поттикнал Јанкулоска да го купи возилото, таа пак со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски да ја изврши задачата за набавката на возилото. Возилото е набавено во незаконска постапка, а се со цел да му се исполни желбата на Груевски, образложи судијката Кацарска

Обвинителката Фатиме Фетаи по објавувањето на пресудата рече дека до правосилноста на пресудата постои можност за бегство на осудената Јанкулоска, но имајќи ги предвид нејзините семејни прилики, предлага да и се определи мерка забрана за напуштање на живеалиштето до извршување на казната.

Сања Алексиќ, адвокат на Јанкулоска, оцени дека предлогот на СЈО е неоснован и побара судот да не го прифаќа.

Судечкиот совет даде пауза од половина час за да донесе одлука за предлогот на СЈО.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваше Јанкулоска, само нејзините адвокати и претставници на СЈО.

Судењето за Јанкулоска, кое пред неколку месеци беше издвоено поради нејзината бременост, започна кон крајот на август годинава откако таа се породи.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири ипол години затвор.