ПАТОТ НА ДРОГАТА

Одамна е познато дека поради поволната географска положба балканските земји се едни од најпопуларните за шверц на наркотици. Тие се мост меѓу Истокот и Западот, кој наркомафијата го користи за да ги пренесе дрогите од Блискиот Исток кон централна Европа

Според процените на Европол, годишниот промет од опојни дроги во земјите од Европската Унија се проценува на повеќе од 40 милијарди евра. На европскиот пазар најкористена и најбарана дрога е канабисот со 39 проценти од европскиот пазар и со проценета вредност од 11,6 до 12,8 милијарди евра годишно. На наркодилерите кокаинот им носи заработувачка од 9,5 до 10,5 милијарди евра. Кокаинот се наоѓа на второто место, со застапеност од 31 процент од пазарот. Хероинот има 25 проценти од европскиот пазар со заработка од околу 9,1 милијарди евра, а синтетичките дроги како амфетамините, метамфетамините и другите супстанции, чие производство и промет во изминатите години е во драматичен пораст, заземаат пет проценти од европскиот пазар, со заработка од 1,6 до 1,9 милијарда евра на годишно ниво. Процената е дека во наредните неколку години, прометот од синтетички дроги во Европа би можел да порасне на девет милијарди евра годишно и да намами околу четири милиони нови корисници.

Во Европската Унија околу 25 милиони жители се зависници од канабис, 1,3 милион од хероин, а од година на година расте бројот на предозирани, кои според евиденцијата на здравствените власти во земјите-членки на ЕУ, во 2018 година изнесувал околу осум и пол илјади лица.

Одамна е познато дека поради поволната географска положба балканските земји се едни од најпопуларните за шверц на наркотици. Овие земји се мост помеѓу Истокот и Западот, кој наркомафијата го користи за да ги пренесе дрогите од Блискиот Исток кон централна Европа. Тоа и пред скоро време беше потврдено и во извештајот на Европол и на Европскиот центар за следење дрога и зависности од дрога.

Со заплената на 12 килограми кокаин од Косово, на граничен премин на влезот во Црна Гора, пресретнат е каналот за шверцување дрога, која била наменета за пазарот во Италија, пишува српски „Блиц“. Припадници на граничната полиција пред неколку месеци извршиле претрес на возило со македонски регистарски таблички, каде што зад стоп-светлата пронашле 24 пакувања со вкупно количество од околу дванаесет килограми хероин. Со самото тоа што лица од Македонија се обиделе да ја шверцуваат дрогата, повторно е актуализирано прашањето за патот на дрогатаниз Балканот.

Во Македонија сега е најактуелен случајот со актерката Силвија Стојановска и нејзиниот партнер, против кои е поднесено обвинение за учество во организирање шверц на кокаин преку Шпанија. Таму шпанската полиција, во Мадрид, откри големо количество дрога во чиј шверц беа замешани Срби, Црногорци и македонски граѓани.
Криминологот Добривое Радовановиќ објаснува дека постојат две патеки по кои дрога произведена во Авганистан и во Турција, преку Балканот, пристигнува до консументите во Европа.

– Двете патеки се нарекуваат балканска маршрута. Едната е од Авганистан, преку Турција, Бугарија или Македонија, преку Србија, Црна Гора, па продолжува нагоре во европските земји. Другиот пат почнува од Турција, како земја снабдувач, потоа оди преку Бугарија, преку цела Србија и понатаму во Европа – објаснува тој.
И Србија важи за еден од најпрометните коридори на оваа маршрута. Според Радовановиќ, сѐ започнува во деведесеттите години на минатиот век, кога во Србија се родил организираниот криминал.

– Учеството на лица од Балканот значително е зголемено оттогаш. Количеството дрога што во Србија се запленува е сѐ поголемо од година на година и изнесува околу шест тони годишно. Запрашајте се само колку дрога поминала преку граница незабележано – заклучува тој.

Пред неколку месеци, на граничен премин во Србија, цариниците успеале да спречат шверц на 30 килограми хероин скриен во автомобил со кој управувал 44-годишен жител на Бугарија. Тој наводно патувал кон Хрватска на работа, но бидејќи почнал да се тресе, предизвикал сомнеж, па полицијата одлучила да го претресе. По извршениот детален преглед, зад задниот браник, полицијата открила специјално направен бункер во кој се наоѓало значително количество хероин. Дрога била откриена и во страничните делови на багажникот, во десниот праг, но и во тапацираните делови од хаубата на возилото. Дрога имало скриено и во подот на возилото, пред задните седишта. Од возилото биле извадени 30 килограми и 350 грама друга дрога, која била спакувана во 57 пакети од по половина килограм.

Во средината на ноември минатата година, пак, српските власти го уапсиле Младен Новаковиќ, кој бил водач на организирана криминална група, која во дотогашниот период набавувала дрога од Турција и ја дистрибуирала низ Србија. Постојат индиции дека неговата криминална група шверцувала дрога на пазарите во Црна Гора и во Австрија. Тој го продавал турскиот хероин исклучително чист, а во Србија го препакувал и им го препродавал на други криминални групи, кои потоа го обработувале, односно вметнувале други супстанции за да добијат поголема тежина, по што го продавале.

Во октомври, пак, полицијата на Словенија уапсила триесет и петгодишен Србин, кондуктер во воз, кој сообраќал на релацијата Истанбул – Виена, затоа што во неговата торба пронашла 13 килограми хероин со вредност од 1,3 милион евра. 

[email protected]