Тревога: Епидемијата од новите дроги се шири со стравотна брзина

Трагичните вести се повеќе од доволни за да нѐ натераат сериозно да се замислиме. Што е ова што се случува? Дали станува збор за страшна епидемија? Се чини дека на пазарот на наркотици се случува нешто досега невидено.
И порано се консумираа синтетички дроги, но не се памети дека младите умираа од нив, дека дрогите беа со толку лош квалитет (денес секој може да ги направи во подрум или во гаража и да стави во нив сѐ што ќе му дојде на ум), дека станаа толку евтини и примамливи – од изгледот, па до фактот дека полека станаа дел од мејнстримот, така што младите сега се натпреваруваат кој ќе изеде повеќе „бонбончиња“ за една вечер

Вестите дека дрогата зела некој млад живот во последно време толку се зачестија, што не можеме а да не се запрашаме дали станува збор за епидемија на болеста наречена зависност. Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија… целиот регион е зафатен со епидемија на наркотиците, особено со т.н. екстази. Речиси секојдневно ни доаѓаат вакви вести.

Во Србија, каде што состојбата се чини најалармантна, на пример, во текот на последниов месец починаа четворица млади луѓе, најверојатно поради консумирање „екстази“: На 17 јуни – Јован Пауновиќ (17) почина во болницата на ВМА, по вечерното излегување на сплавот „Колос“; потоа на 20 јуни – Немања Шаварик (18) почина во стан во Бачка Паланка; на 24 јуни – Марија Марковиќ од Крагуевац (17), ученичка во Политехничкото училиште, почина во станот на својот другар во Шумарице; на 5 јули – Мирјана Милиќ (21) почина по забава во еден стан во центарот на Белград.
И не само во регионот. Во исто време, една од ударните вести во странските медиуми е дека и пејачката, наедно и бивша ѕвезда на продукциската куќа „Дизни“, Деми Ловато, заврши во болница поради предозираност. Како што тврдат американските медиуми, Деми зела преголема доза хероин, од која ѝ се слошило.

Сиве овие трагични вести се повеќе од доволни за да нѐ натераат сериозно да се замислиме. Што е ова што се случува? Дали станува збор за страшна епидемија? Се чини дека на пазарот на наркотици се случува нешто досега невидено. И порано се консумираа синтетички дроги, но не се памети дека младите умираа од нив, дека дрогите беа со толку лош квалитет (денес секој може да ги направи во подрум или во гаража и да стави во нив сѐ што ќе му дојде на ум), дека станаа толку евтини и примамливи – од изгледот, па до фактот дека полека станаа дел од „мејнстримот“, така што младите сега се натпреваруваат кој ќе изеде повеќе „бонбончиња“ за една вечер. Ете, на пример „екстази“ може да се купи за ситни пари, чини помалку дури и од еден пијалак, па на крајот испаѓа дека тоа е „поевтината забава“.

Од друга страна, имиџот на дрогата веќе не е слика со шприц и игла на наркоман што се распаѓа од која може да им се згади на младите. Пазарот на дрога веќе се приспособува на новите генерации и ги регрутира своите консументи на сосема различни начини, така што сѐ она што го нарекуваме наркотици, денес уште на прв поглед изгледа многу „допадливо“.

Доцент д-р Јанко Самарџиќ, клинички фармаколог од Медицинскиот факултет во Белград, ги објаснува трендовите што се присутни денес на полето на наркоманијата во цела Европа. Тоа се присуство на сѐ поголем број дроги, особено синтетички, нивно зголемено користење, потоа истовремено користење различни видови дрога (политоксикоманија), како и симнување на старосната граница кон сѐ помала возраст.
– Причините за ваквите трендови се многубројни, од недоволна информираност и едукација, до денешната широка достапност на наркотиците. Мислам дека сите сносиме дел од вината за ваквата ситуација – вели Самарџиќ.

Новата дрога што го поплави нашиот пазар (и од која најверојатно починаа четворица млади луѓе), многу е појака по својот состав и во себе содржи супстанции што се опасни по здравјето, поради што многумина мораа да побараат и лекарска помош.
Мирјана Милиќ, една од четирите жртви, пишуваше на социјалните мрежи дека пробала „екстази“, а неколку дена пред смртта испраќаше и предупредувања: „Луѓе, немојте веќе да купувате дрога на журките, ставаат сѐ и сешто и во пијалаците, а камоли во таблетките…“.

Д-р Самарџиќ објаснува дека „екстази“ спаѓа во стимулативните, синтетички дроги и ја содржи фармаколошки активната супстанција метилендиоксиметамфетамин (МДМА), која влијае на нивото на одредени супстанции (неуротрансмитери) во мозокот. Познати се психолошките ефекти како што се еуфорија, страв, агресивност, халуцинации… но и телесните симптоми, како забрзана срцева работа, зголемен крвен притисок и температура, мускулна напнатост (особено кај мускулите на вилицата), неволни движења. Но покрај сево ова, треба посебно да се нагласи и индивидуалната чувствителност кај луѓето на дејството на синтетичките дроги, па затоа многу е тешко да се предвиди исходот, односно како ќе реагира секој поединец.