По информацијата дека полициски службеници се повикани на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција, на Фејсбук реагираше техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој како шпекулација ги оцени наводите дека се работи за апсење на лица од неговиот тим.

– Станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со мојот тим или пак мојот кабинет. Лицата немаат добиено било какви решенија од моја страна. Уште еднаш напоменувам дека изнесените наводи во медиумите се лага и конструкција смислена од претходното раководство на министерството за внатрешни работи – се наведува во објавата на Чулев.

Од Обвинителството повеќе информации најавуваат за утре, а Чулев пак во своето обраќање на Фејсбук посочува дека има податоци според кои во наредниот период се очекува покрај ваквото, како што вели, изнесување на невистини, да се преземаат и други слични активности кои според него се резултат на спрега помеѓу параполициски, судски и обвинителски структури.