Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против членови на комисија за категоризација, бидејќи овозможиле објект наменет за бањски туризам да биде користен како хотел со четири ѕвезди.

– Пријавените во својство на службени лица – членови на Комисија за категоризација на угостителски објекти за сместување при Министерство за економија, искористувајќи ја својата службена положба и овластувања поттикнати од Т.Ќ. овластено лице и подносител на Барањата за категоризација на Друштвото за бањски туризам и телесна рехабилитација Дебарски бањи – Цапа АД Дебар, во текот на 2017 година за објект во село Бањиште и објект во село Долно Косоврасти постапувајќи несовесно во вршењето на своите овластувања и должности сториле сериозни пропусти – се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Понатаму во соопштението се додава дека тие, иако законски биле обврзани да извршат должен надзор над документацијата приложена кон барањата за категоризација, во која на недвосмислен начин е нотирано дека објектите функционираат како Стационари за Бањски туризам, а не како угостителски објекти, тоа не го сториле туку спротивно на процедурите изготвиле и своерачно завериле извештаи за категоризација на угостителски објекти со предлог за определена категорија и однеле Предлог решенија за утврдување на категорија за угостителските објекти до Владата на Република Македонија.

За споменатите објекти кои се во рамките на Приватната здравствена установа – Специјална болница по физикална медицина и рехабилитација „Дебарски бањи-Цапа“ Министерството за здравство, има издадено решение според кое овие објекти со целиот свој капацитет вршат здравствена дејност.

– Со ова дејствие пријавените на незаконски начин, му овозможиле на правното лице Друштвото за бањски туризам и телесна рехабилитација Дебарски бањи – Цапа АД Дебар, во споменатите објекти каде извршува здравствена дејност и функционира како стационар за бањски туризам, да функционира како хотел со категоризација од четири ѕвезди и да врши угостителска дејност спротивно на позитивните законски прописи и на тој начин да прибави значителна материјална корист – се посочува во соопштението.