Четири лица биле полесно повредени синоќа околу 21.30 часот откако по сообраќајна несреќа меѓу две патнички возила на улица „Методија Андонов Ченто“ во Скопје дошло до вербална расправија и физичка пресметка меѓу учесниците.

МВР информира дека С.М.(51), С.М.(20) и К.М.(24), сите од Скопје, додека туркале до тротоарот од улицата патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на нивниот сосед К.С.(33) од Скопје, се судриле со патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.М.(37) од Скопје, а сопатници биле две деца на возраст од 16 и 12 години.

По незгодата дошло до вербална расправија и физичка пресметка меѓу учесниците. Едно непознато лице, кое се вклучило во тепачката, со безбол палка го удрило Б.М. во главата. Тој бил однесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, а С.М., К.М. и С.М. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Ургентен Центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им биле констатирани телесни повреди и биле пуштени на домашно лекување.

Исто така, било пријавено дека до пристигнување на полициските службеници некое од лицата извадило пиштол и испукало неколку куршуми, но при преглед на затекнатите лица и возила не било пронајдено оружје, чаури ниту оштетени предмети.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.