Четворица мажи се обвинети за убиството на Македонецот Дејан Димитровски (36) од 2017 година во Перт, Австралија. Тие се осомничени дека ја претепале жртвата до смрт, пренесува „ВАтудеј“.

Телото на Димитровски било пронајдено од страна на полицијата во локва од крв во неговиот дом во предградието на Перт, Балга, на 4 август 2017 година. Тој претрпел повреди на лицето, убоди во телото, а забележани биле и знаци на задушување. Во близина биле пронајдени јажиња, празни шишиња за вода и самолеплива лента.

Амирали Фарсиџани, Порија Ахбари Садики, Сана Самура и Вилијам Вејд Кикет се обвинети за убиството на Димитровски на судењето во Врховниот суд на Западна Австралија.

Петтото лице со прекар „АК“, поради тетоважата на пушката „АК-47“ на неговото чело, му давал вештачко дишење на Димитровски кога полицијата пристигнала во неговиот дом, но избегал од државата откако бил испрашан, иако не бил кривично гонет.

Обвинителката Лора Кристијан за време на воведните зборови во судот, истакна дека Димитровски живеел сам во неговиот дом во Балга во времето на убиството, како и дека неговиот дом наликувал на „тврдина“ поради заштитата на прозорците и безбедносните камери.

– Дејан водел сметка за безбедноста, можеби бил и параноичен, особено во неделите пред неговата смрт. Кон неговата куќа било пукано барем во една прилика – кажала обвинителката.

Во вечерта на убиството, четворицата мажи, кои биле пријатели или соработници на Димитровски, наводно, ја посетиле неговата куќа во осум часот и останале околу 35 минути, при што избила расправија, според тврдењата на сосед на жртвата.

Една од неколкуте жени со кои Димитровски се гледал во тој период, кажала дека требала да го посети во седум часот истата вечер, но добила порака дека „наминале некои негови пријатели и оти тој ќе се задржи 15 минути“, додека се доближувала до неговата адреса.

Се претпоставува дека четворицата мажи во тој период го убиле Димитровски, пред да избегаат во две возила, кои биле забележани од безбедносните камери од соседните куќи. Случајот е заснован на посредни докази, бидејќи на снимките не се забележуваат регистарските ознаки на возилата, со што обвинителството било принудено да повика стотици сведоци кои го поседуваат истиот модел на автомобили, за да ги исклучи нивните возила од истрагата.

Утврдено е дека двајца од обвинетите се ослободиле од облеката која ја носеле вечерта во која се случило убиството (полицијата не успеала да ја пронајде), додека облеката на Самура била пронајдена закопана во пластична кеса 18 месеци подоцна, заедно со интернет-модемот кој исчезнал од домот на Димитровски. Сигналот од мобилните телефони на Самура, Фарсијани и Садики исто така бил регистриран на приемниците во близина на куќата на Димитровски, во ноќта на неговата смрт.

Наводно, била пронајдена и ДНК на Фарсијани на шише со вода во домот на жртвата, а биле пронајдени и негови отпечатоци. Обвинителството тврди и дека Кикет му кажал на пријател како „го удрил Дејан по главата“ неколку месеци по неговата смрт, иако мотивот за убиството останува непознат.

Обвинителството призна дека нема сведоци, додека адвокатите на одбраната ја отфрлија вмешаноста на нивните клиенти во убиството. Се очекува судењето да трае до три месеци.