Со ниту еден од двајцата, ниту со кој било надвор од МВР, сум имал комуникација. Единствена таква комуникација, некаде околу 20.30 часот, беше со Никола Груевски. Ми се јави, се интересираше за состојбите, евидентна беше неговата загриженост, рече поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, во неговото денешно сведочење на судењето за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Чавков сведочеше по предлог на одбраната на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се меѓу обвинетите за организацијата на настаните од 27 април 2017 година.

Чавков во сведочењето потенцираше дека не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 година, како што тврдеше Александар Василевски-Нинџа во неговото сведочење.

Поранешниот директор на БЈБ доби највисока затворска казна од 18 години од првостепениот суд, во првиот судски процес за упадот во парламентот и од притвор ја чека правосилноста на пресудата.

Денеска сведочеше уште еден од првостепено осудените во првиот судски процес, Никола Митревски-Кољо, кој не сакаше да зборува што се случувало дента на 27 април, бидејќи посочи дека има постапка против него која не е правосилна.

Обвинителката Вилма Русковска немаше прашања за денешните двајца сведоци, кои ги обвини во претходниот судски процес. За денеска е предвидено да се сослушаат уште неколку сведоци, меѓу кои се и Емил Димитриев, Кирил Божиновски и Иво Котевски.

Во предметот „27 април“ обвинет е и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, покрај поранешните функционери Јанакиески, Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие се гонат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а судењето е во фаза на испитување сведоци на одбраната.