Во Кривичниот суд на денешното рочиште за „Поткуп“ треба да биде пуштена целосната снимка за овој случај, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев.

Судијата Дарко Тодоровски одлучи да го прифати барањето на Заев и неговите адвокати снимката да биде пуштена на рочиште на кое ќе биде присутна и јавноста.

Минатото рочиште за „Поткуп“ беше одложено затоа што во Судот немаше техничка можност за презентација на ваква снимка.

Заев и неговите адвокати побараа од Судот да не се исклучува јавноста кога ќе се гледа снимката во судница, бидејќи само јавна презентација на целосната снимка ќе може да врати дел од изгубената чест и углед на премиерот.

Како премиер и претседател на СДСМ, како што рече Заев, бара снимката да биде транспрентно до крај и јавно презентирана за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.

Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.