Преминувањето преку границите во Македонија мигрантите најчесто го реализираат нелегално / Фото: Игор Бансколиев

Само изминатиот месец, односно од први до 29 јули, на територијата на Македонија се откриени 12 случаи во обид да бидат прошверцувани дури 567 мигранти. Најмногубројни се мигрантите од Бангладеш, Сирија и од Авганистан

И покрај напорите на полицијата

Изминатиот период, односно изминатите неколку месеци, и покрај рестрикциите што ги наметнуваа одлуките на Владата за спречување на ширењето на заразата со коронавирусот, македонската полиција имаше полни раце работа. Особено треба да се одбележи откривањето голем број македонски државјани на патиштата низ земјава што со возила пренесува мигранти, меѓу кои имаше поголеми и помали групи, а често меѓу нив и имаше малолетни деца.
Преминувањето во Македонија преку границата со Грција мигрантите најчесто го реализираат нелегално, преку диви премини. Потоа за да транзитираат низ Македонија им плаќаат на шверцери, кои за добри пари се обидуваат да ги пренесат од една до друга дестинација, од Гевгелија и Гевгелиско до границата со Србија, која исто така ја преминуваат илегално со помош на организирани групи оспособени за шверцување луѓе. И на тој граничен дел се користат селските премини, особено низ општината Липково.

Само изминатиот месец, односно од први до 29 јули, на територијата на Македонија се откриени 12 случаи во обид да бидат прошверцувани дури 567 мигранти.
– Мерки на кривичен погон се преземени против девет лица, меѓу кои и тројца српски државјани за сторени седум кривични дела „шверцување мигранти“ – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Најмногубројни се мигрантите со потекло од Бангладеш, од каде што биле фатени дури 217 лица, од Пакистан биле 189 лица, 66 мигранти биле од Авганистан, 28 од Сирија, од Иран биле 12 и од Сомалија десет мигранти. Евидентирани се и други мигранти, меѓутоа, како што информираат од МВР, во помал број.
Од достапната статистика на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи, низ минатите години, може да се забележи дека бројот на нелегални мигранти во земјава драстично пораснал.

Па, така, во периодот од 2010 до 2014 година бројката на мигранти варира од 1.103 мигранти евидентирани во 2010 година, до 1.750 во 2014 година. Во периодот на мигрантската криза, во 2015 година, бројката на мигранти во земјава, вклучувајќи ги и оние што добиле потврди за време на мигрантската криза, бројката на мигранти изнесува 398.552 мигранти во земјава. Во 2016 година се евидентирани 127.358 мигранти, а во 2017 година бројката опаднала за 68 проценти, кога се евидентирани 4.129 мигранти во земјава.
До 2014 година, најмногубројни се албанските државјани, кои во 2010 биле 892, во 2012 – 328, а во 2014 – 624. Во 2017 година, нивната бројка изнесува 252.
Бројката на мигранти од Авганистан во 2010 изнесува само 16, а во 2014 година бројот на мигранти од оваа земја достигнал 291. Веќе наредната, 2015 година, нивниот број изнесува речиси 96 илјади, а во 2016 година 35 илјади. Веќе во 2017 година, бројката на мигранти од Авганистан драстично опаѓа и се движи околу илјада мигранти или поконкретно, 963.

Статистиката покажува дека до 2013 година во земјава воопшто немало мигранти од Сирија. Во 2013 година биле евидентирани 116 сириски државјани, а веќе наредната, 2014 година, нивниот број изнесува 570. Бројката на мигранти од Сирија повеќекратно се зголемува во 2015 година, кога се евидентирани 216.393 мигранти, а во 2016 – 49.633 мигранти. Во 2017 година, нивниот број драстично се намалува и изнесува 476 мигранти од Сирија.
Доколку се суди според статистиката, за Пакистанците земјава никогаш не била транзитна дестинација, бидејќи максималниот број мигранти од оваа земја изнесува 5.751 во 2015 година. За 2016 година нивниот број изнесува 4.143, додека во 2017 година, бројката на мигранти од Пакистан изнесува 1.033 лица.

Според Кривичниот законик, со казна затвор од најмалку четири години ќе се казни секој што илегално пренесува мигранти преку државната граница, додека, пак, пет години затворска казна ќе добие оној што превезува, пренесува, засолнува или прифаќа мигранти. Доколку во овие дела има вклучено и малолетно лице, на сторителот му се заканува казна затвор од најмалку осум години. Предметите и превозните средства што се употребувале за извршување на делото се одземаат од страна на полицијата. Но и покрај ваквите казнени одредби, бројот на шверцери не се намалува, напротив, се добива впечаток дека се зголемува.
Во Македонија функционираат транзитните центри на Винојуг, Гевгелија и Табановце и Куманово, во кои се сместуваат откриените и фатени мигранти. Некои од мигрантите се депортираат назад во земјите од каде што дошле.

[email protected]