Бројот на холивудски уживатели во забранети супстанции воопшто не е мал, а смртта поради уживањето во истите тие не ги одминува ниту нив. Поради честото објавување на сите информации за зависностите на холивудските ѕвезди, се добива впечаток дека најголем проблем имаат со злоупотреба на дрога, алкохол или разни апчиња

ДРОГА, АЛКОХОЛ, АПЧИЊА

Зависноста од дрога, алкохол или седативи може да му се случи секому, независно дали станува збор за млад или стар, сиромашен или богат, популарен или анонимен човек. Доволно е само еднаш да се проба од забранетото и веќе сте навлечени на него. Дрогата одзема голем број животи секоја година, и тоа не само поради нејзино користење, туку и во битката да се дојде до неа. Поинаква не е ниту состојбата со алкохолот или, пак, злоупотребата на разни апчиња. Сите тие пороци ги има и во целиот холивудски гламур. Ниту познатите холивудски лица не се имуни на разни зависности. Само што кога тие ги користат, оставаат лош пример за илјадниците следбеници и обожаватели, што води до тоа тие да почнат да консумираат дрога.
Бројот на холивудски зависници воопшто не е мал, а смртта заради уживањето во опијатите не ги одминува ниту нив. Многу познати светски ѕвезди ги загубија животите и беа пронајдени мртви како резултат на одредено предозирање. Витни Хјустон, Ејми Вајнхаус, Принц, Мерлин Монро, Елвис Присли се само дел од починатите од овој порок.

Познатиот пејач Принц почина како резултат на злоупотреба на апчиња што можат да се добијат само доколку ги пропише доктор со рецепт. Враќајќи се дома од концерт во Атланта, пејачот се предозирал, но, за среќа, авионот слетал во Илиноис, каде што медицинскиот персонал успеал да го спаси. По неколку дена, неговите соработници контактираат со советник за зависници, за да го однесат во институција за одвикнување од зависности, но во меѓувреме тој умира од предозирање со апчиња. Токсиколошкиот наод покажал дека тој се предозирал со многу силен опијат, додека, пак, полициската истрага покажа дека можеби Принц не знаел какви апчиња имало во шишето. При истрагата полицијата во неговиот дом пронашла огромен број апчиња, кои не ни биле пропишани за него, туку биле за некој друг.

Најнаградуваната пејачка на сите времиња Витни Хјустон беше пронајдена мртва, односно удавена во када во хотел. Според аутопсијата, таа починала од срцево заболување и предозирање со кокаин. Во неа биле пронајдени пет вида дрога, меѓу кои марихуана и кокаин. Таа одела на одвикнување во 2011 година, а за својата зависност јавно прозборела уште во 2002 година.
Смртта на Мерилин Монро долго време беше тема на теории на заговор, поради малиот број информации што иѝ беа достапни на јавноста за нејзината смрт. Нејзиното тело беше пронајдено од нејзиниот психијатар во далечната 1962 година. Починала додека била во својот кревет. Претходниот ден, таа му се јавила на својот психијатар и му рекла дека има несоница. Според токсиколошкиот наод, се предозирала со апчиња за спиење. Нејзината смрт се поврзуваше и со самоубиство.

Иако официјалните наоди говорат дека Елвис Присли починал како последица на срцев удар, токсиколошките анализи покажале поголемо количество на повеќе лекови што се издаваат на рецепт, вклучувајќи го и моќниот кодеин. Телото било пронајдено во неговата бања во 1977 година. Веднаш бил однесен во болница, каде што само била констатирана неговата смрт.
Поради предозирање со алкохол, во 2011 година почина пејачката Ејми Вајнхаус. Таа имала историја на ментални болести. Во книгата објавена во 2014 година од страна на нејзината мајка е наведено дека Ејми била склона кон самоповредување на деветгодишна возраст, на десетгодишна веќе крадела, на 12 години пушела, а пиела веќе на 15 години. Во годините пред да почине, Вајнхаус одела на рехабилитација, но никогаш не успеала целосно да се излечи.

Холивуд, за среќа, има и успешни приказни. Раперот Еминем и пејачката Пинк се едни од ретките што успеале да се спасат од зависностите.
Преку текстовите во своите песни, Еминем го раскажува својот живот и воопшто не се срами. Во едно интервју тој истакнува дека во 2007 година имал проблем со зависност од дрога, односно апчиња. Откако докторот одбил да му пропише лекови за постоперативни болки во колено, тој заминал дома да најде седативи што ги криел, по што се предозирал. Животот му дал втора шанса, по што тој одлучил да се избори со зависноста.

На Денот на благодарноста, предозирана завршила и пејачката Пинк. Оттогаш прекинала со консумирање екстази и кристален метамфетамин, бидејќи, за среќа, не завршила во болница, туку била свесна додека лежела на подот, зашеметена од дрогата, запрашувајќи се дали е тоа крајот. Пинк е уште еден случај каде што успешно завршила битката со зависноста.

[email protected]