Поради хируршка интервенција на обвинетиот Леко Ристовски, денеска повторно беше одложено рочиште за случајот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности. Минатото рочиште исто така беше одложено поради операција, но тогаш на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Адвокатот на Ристовски уште пред пет дена до Кривичниот суд доставил медицицинска документација.

„Титаник“ е без исклулок најодложуваното судење од сите кои ги води Специјалното јавно обвинителство. Досега како причини за одложување на рочиштата за Титаник најчесто се здравствени проблеми на обвинетите, неажурноста на судот во давање на термините за овој предмет односно преклопувањето на „Титаник“ со уште еден предмет каде има ист обвинет и службените патувања на пратеникот Илија Димовски.

Обвинителката која го застапува обвинението за „Титаник“, Лиле Стефанова, пред една недела изјави дека овие одолжувања создаваат проблеми, но во ниту еден случај не е по вина на обвинителството или судот бидејќи динамиката на закажаните рочишта била добро поставени.

Во предметот „Титаник“, обвинети се дваесетина лица меѓу кои и екс премиерот и бегалец Никола Груевски, екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, како и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски и уште неколкумина.

Според обвинението на СЈО обвинетите се гонат за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.