Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска преку соопштение најостро го осуди вчерашниот инцидент во Тетово предизвикан од страна на припадници на навивачката група „Балисти’’, од МВР пак соопштија дека работат на случајот со цел комплетно расветлување и финално заокружување со изготвување на соодветни поднесоци против инволвираните лица.

-На објавените видеа од случувањата на тетовските улици на 4 ноември 2018 година, се слушаат песни и извици, каде е забележан говор на омраза и повикување на насилство, по што следело и извршување на дело од омраза, односно фрлање со камења и шишиња врз кафуле полно со гости, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Воедно, посочуваат дека со посебно внимание ќе го следат разрешувањето на овој инцидент и ќе бараат најстроги казни зa дела од омраза и говор на омраза, чија цел е, наведуваат, предизвикување меѓуетнички тензии и насилство.

Од МВР пак, денеска се огласија со соопштение во кое наведуваат дека раководството на Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска ( 5 ноември ) оствари средба во Основното јавно обвинителство Тетово за целосно расчистување на случаите од 3-ти и 4-ти ноември, во кои непосредно биле инволвирани членови на навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“ од Тетово.

На средбата се координирани активностите за конкретно квалификување на настаните, динамиката и следните чекори, со цел нивно комплетно расветлување и финално заокружување со изготвување на соодветни поднесоци против инволвираните лица.