Главниот извршен директор на Комерцијална банка и поранешен премиер и министер за внатрешни работи, Хари Костов, рече дека своевремено поднел барање до СЈО за информација дали неговите телефонски разговори биле незаконски прислушувани, во текот на неговото сведочење на денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“.

 – Поднесов барање и бев повикан на состанок во СЈО. Барањето го поднесов бидејќи имав сомневање дека и моите телефонски броеви се прислушувани. Во СЈО ми беа презентирани докази дека моите два телефонски броеви биле прислушкувани. Ако се утврди дека отштетата треба да ја плати државата, тогаш не барам отштета. Но, ако се утврди налогодавачот, тогаш ќе барам отштета и ќе ја донирам во хуманитарни цели – истакна Костов.

Повеќе сведоци, меѓу кои беа политичари и новинари зборуваа за тоа како и кога дознале дека биле цел на прислушување, на претходното рочиште во овој случај

Во овој предмет, обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и неколку вработени во поранешната УБК.

Според обвинителниот акт, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.


Јанкулоска од затвор донесена во суд

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, со лисици на рацете, денеска беше доведена на рочиштето за „Таргет-Тврдина“. Таа е меѓу обвинетите во овој предмет. Јанкулоска од пред два дена се наоѓа во затворот „Идризово“, откако беше осудена на затворска казна од четири години во предметот „Тенк“, за злоупотреба на службена положба поради незаконска набавка на владиниот мерцедес во вредност од 600.000 евра.