Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сведоци бевме како во периодот на ковид-пандемијата беа хакирани веб-сајтот на Министерството за здравство, веб-страниците на Министерството за образование и наука, Врховниот суд и на други институции. И нашата веб-страница, а имено порталот на „Нова Македонија“, во неколку наврати беше цел на хакери, за што беа известени надлежните служби во Министерството за внатрешни работи. Според официјалните статистички податоци, во 2019 година вкупно се хакирани 113 јавни веб-страници, споредено со 196 во 2018 година и 349 во 2017 година. Сајбер-нападите може да доведат до парализирање на ентитетите на деловната заедница во целост. Од безбедносен аспект посебно внимание привлекуваат противправните дејствија со кои се хакира веб-сајт на определена компанија што е позната на пазарот, со цел да се бараат финансии за да бидат вратени податоците што се важни за нејзиното работење, вели проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност

ВО КОВИД-ПАНДЕМИЈАТА ПОВЕЌЕКРАТНО СЕ ЗГОЛЕМИЈА САЈБЕР-НАПАДИТЕ

Пандемијата предизвикана од коронавирусот несомнено ги смени навиките и функционирањето на човештвото. Со пандемијата сопствениците на бизниси научија дека работата може да се одвива и од дома, работниците научија дека можат да работат од дома, состаноци се одржуваа онлајн, училиштата ја реализираа наставата од дома, а маркетите ја реализираа продажбата со достава до дома, по претходна онлајн или телефонска порачка од купувачот. Целиот свет го смени ритамот на функционирање, со што им се отворија нови врати на криминалните организации да добијат уште едно поле на кое ќе се обидат на нелегален начин да реализираат финансиски бенефиции.

НАПАД СО ФОКУС НА НАЈГОЛЕМИТЕ КОМПАНИИ

Животот со пандемијата и сѐ поголемото функционирање преку интернет, воведе нов тренд во кој криминални хакерски организации киднапираат интернет-страници, за кои потоа бараат откуп за истата таа да им ја вратат на сопствениците.
Доволен доказ за тоа е неодамнешната хакерска драма што му се случи на најголемиот нафтовод во Соединетите Американски Држави, „Колонијал гасовод“, чии сопственици мораа да им платат пет милиони американски долари на источноевропски хакери, кои ја исклучија најголемата нафтоводна мрежа во земјата.
Иако од компанијата не потврдија дали и колку платиле откупнина за нафтоводот, сепак, според пишувањето на медиумите, компанијата неколку часа по нападот платила голема откупнина со криптовалута на која не може да ѝ се следи трагата.
Хакерите по добиената уплата на сопствениците на нафтоводот им дале насоки како да ја поправат компјутерската мрежа за да го поправи системот, но сепак, компанијата користела сопствени алатки за да го поврати функционирањето на мрежата.
Како последица на овој хакерски напад, американскиот нафтовод беше исклучен дури шест дена, а поради тоа возачите беа во паника, бидејќи беше прогласена вонредна состојба од Вирџинија до Флорида.
Федералното биро за истраги објави дека зад нападот, најверојатно, стои криминалната група Дарк сајд, која е, наводно, од Русија или од Источна Европа.
На оваа криминална хакерска организација ѝ се припишува дека е виновна и за сајбер-напад врз европската подружница на јапонската компанија „Тошиба“.

ВО 2019 Г. ХАКИРАНИ 113 ИНТЕРНЕТ-СТРАНИЦИ

Според експертите, сајбер-нападите имаат предност над физичките напади.
– Брус Шнејер, познат американски криптограф, со огромно професионално искуство за компјутерска безбедност, навел: аматерите го хакираат системот, професионалците ги хакираат луѓето. Денес, со развојот на информатичката технологија и поврзано со ова нејзината злоупотреба од наднационален карактер, сѐ повеќе е евидентно дека сајбер-нападите имаат предност над физичките напади. Од нив не се заштитени ниту поединците како физички лица ниту, пак, државните институции, деловната заедница и преостанатите корисници на интернет-мрежите. Затоа се поставува прашањето: дали нашите тајни се навистина само наши? Преку споделување значајни и споредни моменти од нашиот живот на Фејсбук, Инстаграм, Линкедин и други мрежи ние се доведуваме во ситуација определени информации да бидат злоупотребени и поради слаба безбедносна култура да се доведеме во опасна ситуација – вели проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност.
Според него, по земјата не одат ангели и токму затоа потребни ни се и чувари, доколку ние не сме свесни да ги заштитиме приватните или деловните информации во целина.

Хакерите не избираат ниту време ниту локација за остварување на своите цели. Сведоци бевме како во периодот на ковид-пандемијата беа хакирани веб-сајтот на Министерството за здравство, веб-страниците на Министерството за образование и наука, Врховниот суд и на други институции. И нашата веб-страница, а имено порталот на „Нова Македонија“, во неколку наврати беше цел на хакери, за што беа известени надлежните служби во Министерството за внатрешни работи.
– Според официјалните статистички податоци, во 2019 година се хакирани вкупно 113 јавни веб-страници, споредено со 196 во 2018 година и 349 во 2017 година. Сајбер-нападите може да доведат до парализирање на ентитети на деловната заедница во целост. Од безбедносен аспект посебно внимание привлекуваат противправните дејствија со кои се хакира веб-сајт на определена компанија што е позната на пазарот, со цел да се бараат финансии за да бидат вратени податоците што се важни за нејзиното работење. Притоа, потенцирам дека сајбер-криминалците се безмилосни во износот што го бараат од сопственикот на компанијата за да може да бидат вратени деловните податоци – нагласува Козарев.
Според него, во нашата држава иако оваа негативна појава се појавува во помал број на случаи, сепак, потребно е да се истражува нејзината феноменологија и да се создаде сериозна база на податоци за нејзиното појавување.

ШТО ВЕЛАТ ПРОГРАМЕРИТЕ

И според програмерите, целосното пренасочување на животот кон онлајн и интернет-комуникацијата го зема својот данок.
– Во ова време во кое живееме целиот наш живот, како приватниот така и деловниот, но и социјалниот живот, сѐ е веќе пренесено онлајн, па и можноста за нивно искористување е веќе дел од нашето секојдневие. Како и во светот така и кај нас овој тренд е во пораст, и тоа најмногу се должи на забрзаната преселба на нашиот бизнис онлајн и нестручноста при самиот процес, кој остава можност истиот тој да биде злоупотребен од трети лица. Економската состојба во која западна бизнисот поради ковид-пандемијата ги принуди луѓето на драстични чекори за кои тие не беа подготвени, па во желбата за успех, најчесто се решаваат сами да го направат дигитализирањето на нивниот бизнис, најчесто заради заштеда, работата ја доделуваат на некој недоволно стручен, кој многу ќе им ја олесни работата на хакерите – вели Зоран Богоевски, програмер.
Според него, најчести причини за преземање на некоја веб-страница се многу, а од нив е и онаа за финансиска заработка.
– Она што треба да го сфатат сопствениците на бизниси и на интернет-страници е дека не постои бизнис што нема да биде цел на хакерски напади само затоа што е мал. Варијантата „направи сам дома“, секогаш се покажува како многу поскапа отколку тоа да го изработи професионално и стручно обучено лице. Секој сопственик што нема да се одлучи за професионалец, ќе даде многу повеќе пари за да го реши проблемот настанат како последица на хакерски напад отколку да плати за негова превенција – нагласува експертот за програмирање Зоран Богоевски.

[email protected]