Фросина Ременски е суспендирана на сите позиции во СДСМ, поради обвинението во продолжената истрага од случајот „Рекет“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Одлуката е времена додека не се докаже дека таа е невина.

– Ременски е член на Централниот одбор и на Извршниот одбор на СДСМ, па од тој аспект суспензијата и дава можност да не ја користи својата партиска и политичка моќ при докажувањето на својата невиност – изјави Заев и додаде дека верува во нејзината невиност и презумцијата на невиност, но тоа треба да биде докажано низ судските процеси.

Првиот човек на СДСМ рече дека за Ременски по докажувањето на невиноста, вратите во органите и телата на СДСМ ќе бидат повторно широко отворени.

Вчера Основниот кривичен суд времено и го одзеде пасошот на Ременски и таа ќе има забрана да го напушта живеалиштето (градот Скопје) и ќе мора повремено да се јавува кај определено службено лице во судот.

Ременски претходно неделава беше повикана на распит во Кривичниот суд. По еден час поминат кај судијата на претходна постапка за случајот „Рекет“, Ременски изјави дека не чувствува вина и дека ќе соработува со обвинителството со цел целосно да се расчисти случајот. Ременски тогаш рече дека нема намера да се повлече од функциите.

Обвинителството ја сомничи дека таа со својот авторитет оставила впечаток дека зад проектите на „Меѓународниот сојуз“ стои извршната власт и на тој начин помогнала да се изнудуваат пари од големи компании на сметката на оваа невладина организација.