Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според проф. д-р Атанас Козарев, конференцијата ги оствари својата мисија и цели, а придонесот изразен низ заклучоците со сигурност ќе даде конкретен резултат во практиката

МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА И СТРУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ФОРЕНЗИЧКАТА ДЕЈНОСТ И ПРИВАТНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19

Вчера, во организација на Институтот за судска медицина и криминалистика при Медицинскиот факултет и Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, беше реализирана меѓународна научна и стручна конференција на темата „Форензичката дејност и приватното обезбедување во услови на ковид-19 – состојби и предизвици“.
Конференцијата ја отвори проф. д-р Златко Јаќовски, продекан на Медицинскиот факултет и претседател на Здружението на судска медицина, кој во своето обраќање ја потенцираше досегашната успешна соработка со претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проф. д-р Атанас Козарев, и притоа изрази подготвеност за идна соработка. Како општествено одговорна компанија, „Никоб медикал и Никоб лаб“, беше претставена од директорката д-р спец. супспецијалист Татјана Баевска Вучковиќ, која истакна дека од неодамна започна со работа ПЗУ „Никоб медикал“, приватна здравствена установа на примарно ниво, а како дополнување на медицинскиот дел од неодамна започна со работа и ПЗУ „Никоб лаб“ – дијагностичка лабораторија, која дава услуги во делот на биохемиската и молекуларната дијагностика, која е опремена со најсофистицирана апаратура, интегриран биохемиски аналајзер, тестови на листа на СЗО и високопрофесионален кадар.

Проф. д-р Билјана Јаневска се осврна на основните етички принципи за време на ковид-19 и го потенцираше значењето на доктринарните ставови и ефикасноста на имунизацијата на населението. Таа истакна дека автономија на секој човек е правото да одлучува за себе и своето здравје, но постои обврска кон другите и општеството.
Раководителот на Институтот за судска медицина, проф. д-р Александар Станков, го објасни моделот на функционирање на Институтот во услови на ковид-19, при што посебно ги објасни превентивните мерки за вработените, мерки во однос на лица што не се вработени во Институтот. Проф. д-р Верица Попоска, шефица на Катедрата за судска медицина, се осврна на проблематиката за самоубиствата во СРМ за време на ковид-19, додека проф. д-р Златко Јаќовски своето предавање го фокусира кон обезбедување материјални докази при увид на местото на настанот во услови на ковид-19. М-р Јован Цветановски ги објасни улогата и предизвиците со кои се соочува јавното обвинителство во услови на пандемија. Според проф. д-р Атанас Козарев, конференцијата ги оствари својата мисија и цели, а придонесот изразен низ заклучоците ќе даде конкретен резултат во практиката.