Министерот за здравство Венко Филипче потсети дека на денешен ден пред точно една година се случи страшната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, која, како што вели, сите нас нè научи на поголема хуманост и солидарност. Во сообраќајката кај Ласкарци, лани на 13 февруари, животот го загубија 16 лица, а 30 беа повредени.

Нè научи да си помагаме кога е најпотребно и да се грижиме едни за други.

Минатата година Седат успеа да ја најде патничката на која ѝ помогнал да преживее под автобусот што се преврте кај Ласкарци. Неговата најголема желба била Јасмина да биде жива. Заеднички ја најдовме и бев сведок на емотивниот момент кога таа го запозна човекот што ѝ го спасил животот.

Утрово се сретнав со Седат и Јасмина. Таа се заблагодари за целокупната грижа од страна на медицинскиот персонал затоа што е повторно жива. Во вакви тешки моменти се гледа хуманоста и добрината, се гледа пожртвуваноста да се помогне. Тоа се моменти што нè потсетуваат дека тука сме да помогнеме еден на друг, напиша Филипче на „Фејсбук“.