Една од фиктивните донатори на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Груевска сведочи на денешното рочиште за случајот „Титаник”.

Таа се нашла на листата на донатори на партијата во 2011 година, со наведена сума од 60.000 денари. Груевска при сведочењето појасни дека тогаш била невработена и дека никогаш не донирала пари за партија. Згора, таа појасни оти дознала дека е на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ кога добила покана да сведочи од СЈО.

Груевска истакна дека своевремено била партиски активна, како секретарка на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, но дека не била активна кога давала исказ во СЈО во 2016 година.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Судењето е во тек.