Седум компании, од кои една е од Македонија, ја искористиле нејзината платформа за да шпионираат 50.000 луѓе во 100 земји, тврди „Фејсбук“.
Според компанијата, речиси 50.000 корисници биле мета на обиди за хакерство од компании за надзор што работат за владини агенции или приватни клиенти, пренесува „Дојче веле“.
Ваквите сознанија се резултат на повеќемесечна истрага на „Мета“ за таканаречени „сајбер-платеници“ што се занимаваат со „надзор за изнајмување“.

Како резултат на тоа, „Фејсбук“ соопшти дека презема дејствија против седум компании со седиште во четири земји, отстранувајќи околу 1.500 лажни сметки, блокирајќи злонамерни веб-адреси и испраќајќи писма за блокирање до компаниите.

Една од седумте компании е македонската компанија „Сајтрокс“ (Cytrox) развивач на малициозен софтвер за Ајфон и Андроид. Името на оваа фирма, како што се наведува, било објавено во „Форбс“ во 2019 година, кога се појавил „сојузот“ за надзор основан од Кипар и Израел, наречен „Интелекса“ (Intellexa) што го купик „Сајтрокс“ за 5 милиони долари.

Конкретно за „Сајтрокс“, во извештајот на „Мета“ се наведува дека биле отстранети 300 фејсбук и инстаграм-профили на компанијата кои биле користени за да се вклучуваат и измамуваат цели, а се наведуваат и 10 држави во кои „Сајтрокс“ имала муштерии, меѓу нив Египет, Ерменија, Грција, Саудиска Арабија, Оман, Колумбија, Брегот Слонова Коска, Виетнам, Филипините и Германија. Софтверот на македонската фирма се викал Предатор.

Сопственик на компанијата „Сајтрокс“ е Иво Малинковски. Последниот јавно достапен податок за оваа фирма е оглас за вработување од јули годинава, кога „Сајтрокс“ барала нови работници за својот тим во Скопје, пишува „Дојче веле“.

Според огласот објавен на интернет-страницата Декра, нивниот клиент „Сајтрокс“ е компанија со седиште во Израел со експертиза во дизајнирање на софтверски решенија за бизниси и влади што помагаат во дизајнирање, менаџирање и имплементација на системи за сајбер-разузнавање.