Осудителна пресуда и затворска казна за обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, побара специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, во завршните зборови на предметот „Тенк“.

Фетаи смета оти обвинението ја докажало злоупотребата на службена должност од страна на Јанкулоска, која свесно го извршила кривичното дело, односно со умисла го поттикнала осудениот Ѓоко Поповски при спорната набавка на владиниот „Мерцедес“.

Згора, обвинителката побара од судот да ги има предвид околностите при одредување на казната. Направеното дело додека Јанкулоска била на функција е посочено како отежителна околност, додека единствена олеснителна околност е семејната положба на обвинетата.

Фетаи побара судот да ги има предвид отежнителните и олеснителните околности при одмерување на казната. Како отежнителни околности наведе дека делото е направено додека Јанкулоска била на функција, а како единствена олеснителна околност од СЈО ја посочија семејната положба на обвинетата.

Пресудата за издвоената постапка за Јанкулоска за предметот „Тенк“ ќе биде соопштена на 8 октомври, соопшти претседателката на Судечкиот совет Добрила Кацарска, по изнесените завршни зборови.

Обвинетата Јанкулоска смета дека судот треба да донесе ослободителна пресуда.

– Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок – рече Јанкулоска.

Судењето за поранешната министерка почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.

Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. Како што е наведено во обвинителниот акт, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.

Во „Тенк“ веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор. Апелацискиот суд Скопје одржа јавна седница по жалбите за првостепената пресуда за Груевски и Поповски, но одлука се уште не е донесена.