Обвинителката Фатиме Фетаи која го застапува случајот „Монструм”, преку анализа на доказите, односно вештачењата и сведочењата, му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката, додавајќи дека на него биле најдени билошки траги од обвинетиот Алил Демири на потпирачот на глава, но и земја од Смилковското Езеро.

– Неточна е тезата од правно фактички и правно логичен аспект – рече Фетаи за тврдењето на сведокот дека МВР е сопственик на „опел омегата”, образложувајќи дека тој ја препознал само по боја, но не дал никакви други детали за неа, ниту регистарски таблици.

Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста. Таа кажа дека трагите, нивното земање, транспортот, вештачењето, го запечатуваат тврдењето дека петкраткото убиство е направено кај што се пронајдени телата.

– Лишени се од живот пет лица со употреба на оружје. Настануваат траги од крв, како и чаури. Трагите од крв може да бидат локва, слевање, капка.. Трагите од слевање настануваат со истекување на крв од крвните садови. Сите видови траги се важни бидејќи укажуваат дали телото е поместувано или донесено. Во однос на трагите на оружја, ќе се задржиме на проектилите и чаурите како траги. Може да се пронајдат цели или одредени нивни делови. За чурите важи податокот дека се утврдува од какво оружје е испукано. Вистинското место на настанот е она каде што се пронајдени телата. Фингирање на проектил, природното истекување на почвата каде се извршило убиството е невозможно. На иста линија се и на вештите лица дадени во постапката – рече Фетаи, објаснувајќи ги материјалните докази и осврнувајќи се на научниот аспект во однос на доказите.

Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот, рече Фетаи, која образложи дека немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот.

– По однос на околноста дека обвинетите биле на местото на настанот претходните денови, единствен доказ е исказот од заштитениот сведок. За деновите пред убиството не постои доказ дека иделе таму за да евидентираат кои лица од која националност доаѓале – рече Фетаи.

За тоа дека Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ ги извршиле убиствата, Фатиме Фетаи кажа дека има докази и се потврдуваат со материјални докази и сведочења пред судот.

– Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. За да е на свиреп начин треба да има страдање на жртвата и извршителот свесно да знае дека жртвата страда… Убиството на подмолен начин е на потајно сторување, каде сторителот ја искористува неговата доверба… Во случајот има докази за употреба на три вида оружје, приближно траење на настанот… Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор.. – рече таа, објаснувајќи дека делот за „свиреп и подмолен начин“ е вишок поради недостаток на докази.

За Фетаи е неважно кој со какво оружје пукал, со оглед на делото тероризам за кое се гонат. Таа посочи дека имало договор за лишување од живот на жртвите меѓу обвинетите, образложувајќи дека контактирале, но и како се транспортирале до извршувањето на убиствата кај Смилковското Езеро.

– Исказот на Хаки Азири заслужува верба. Сите елементи за исказот да биде веродостоен, ги има. Делот за исклучените телефони се потврдува со листинзите од телефонските оператори. Чекањето во Топанско поле, се поклопува со времето на извршувањето на чинот. Обвинетиот Хаки самиот го дообјаснува моментот кога застанува возилото „опел омега“, позади неговото, за обвинетите да се префрлат во неговата кола. На иста линија е и исказот на Хаки кој ги дава сите појаснувања за настанот и неговите дејствија – рече Фетаи, која објасни дека на подоцнежното тврдење на Хаки Азири дека бил присилен да ја даде изјавата пред суд поради деталите кои ги кажал во врска со чинот, не може да му се верува.

Фетаи бара сите обвинети да бидат осудени.

– Не би сакала никогаш повеќе во вршење на функцијата јавен обвинител да бидам доведена да давам завршен збор за ваков настан. Лицата за кои се бара осуда се одговорни за делата кои им се ставаат на товар – рече Фетаи на почетокот од завршните зборови.