По барањето на одбраната за одложување на предметот „Шамарите во Центар“ од причина што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се наоѓа во притвор, обвинителката Фетаи упати предлог до судот да го прибави решението за притворот на Јанева па потоа да се одлучи што понатаму, односно дали предметот ќе продолжи со судската постапка.

– Точно е дека по три точки е определен притвор за Катица Јанева. Сметам дека е потребно прво да се прибави решението на Кривичниот суд со кој е определена мерка притвор према Катица Јанева, да се види кој е опфатот на таа мерка односно што точно се штити па да се види дали има пречка за натамошно постапување – рече Фетаи.

Обвинителката напомена дека за мислење за понатамошното дејствување, СЈО се обратило и до Советот на јавни обвинители.

Адвокатот на обвинетите во случајот „Шамарите во Центар“, Димитар Дангов во своето излагање по настанатата правна ситуација рече дека од причина што Специјалната јавна обвинителка се наоѓа во притвор поради можноста за влијание врз сведоци потребно е постапката за овој, но и за останатите предмети кои ги води СЈО да бидат запрени.

Тој исто така истакна дека обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски како застапници на Катица Јанева не можат повеќе да го водат предметот од истата причина што и Јанева повеќе не е правен застапник на обвинението.

– Оваа правна ситуација преставува пречка за продолжување на овој предмет но и за сите предмети кои ги застапува СЈО. Предлагам судот да донесе решение со кое ќе ја одложи главната расправа. Додека пречките постојат расправата не може да се води бидејќи во овој предмет не постои овластен тужител – рече Дангов.