Дитурим Сулејмани, вработен во управното одделение на полициската станица во Ресен, во сведочењето за предметот „Титаник” на СЈО, кажа дека во периодот меѓу октомври 2012 и април 2013 година, биле фотографирани лица од Албанија за добивање лични карти во мобилна базна станица на МВР, која се користела само за фотографирање лица со попреченост или со ментални проблеми.

– Беше тоа мобилна базна станица за сликање инвалиди, ментално болни лица. Беше организирано за да се сликаат во Ресен како најблизок град и беше дозволено да се сликаат во мобилна станица во Ресен, а не во Скопје. Имаше списоци пуштено Едмонд Темелко до нашето министерство – сведочеше Сулејмани и кажа дека тоа, според него, било противзаконски бидејќи мобилните станици се користеле само во исклучителни случаи.

Претходно Сулејмани сведочеше дека реагирал веднаш кога дознал дека со некомплетна документација се бара фотографирање на овие лица.

– Четириесет до педесет души имаа направено договор со еден сопственик. Реков палата да е, нема таму услови за живеење – рече сведокот. Сите биле сликани без соодветната комплетна документација, а како што рече, така му било „кажано од горе“.

Обвинетите и нивните бранители го прашаа обвинетиот дали знае пропис или закон со кој е забрането да се сликаат овие лица во мобилните станици и за други случаи, освен за болни луѓе. Сведокот кажа дека не знае да посочи пропис или закон каде што пишува за што се користат мобилните станици.

Во предметот „Титаник“ на СЈО, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски, за серија кривични дела поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски.

Oбвинети се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку Кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.