Фото: Маја Јаневска-Илиева

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 19-годишник од селото Стајковци, кој учестувал во собир и насилно се однесувал со полицијата.

– Осомничениот 19-годишник од селото Стајковци, на 26 февруари, за време на јавен собир на граѓани, заедно со други идентификувани и неидентификувани граѓани, започнале да дејствуваат кон полицискиот кордон на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети. Притоа биле повредени 11 полициски службеници и еден новинар. Сега осомничениот во протестите учествувал маскиран, со цел да не се открие неговиот идентитет – соопшти обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство и можност тој да го повтори делото. Судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.​