Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Лицата, еден македонски и тројца пакистански државјани се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело Криумчарење мигранти.

Кон крајот на месец октомври и почетокот на ноември, осомничените, заедно, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин. Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат роднините да префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки.

На ваков начин осомничените постапиле и кон две лица со индиско потекло. Тие вознемирени и со плачење се јавиле на свој пријател во Белград и побарале да уплати на сметка по 1300 евра за секој од нив, за да им биде овозможено понатаму да ја продолжат рутата. Пријателот веднаш случајот го пријавил во српската полиција. По добиената информација од страна на органите на Србија, вечерта на 1 ноември, македонските полициски службеници спровеле полициска акција во селото Ваксинце. Во куќата на првоосомничениот, каде во нечовечки услови со денови биле затворени мигрантите, при претрес се пронајдени првоосомничениот и дванаесет мигранти од кои две се малолетни лица, а тројца се препознаени како сторители на кривичното дело. Десетина лица – мигранти избегале непосредно пред полициската акција.

Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со Решение на тројца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена, а за еден осомничен е определена мерка куќен притвор.​