Аргентинскиот волшебник за љубов оштетил повеќе од 200 луѓе во светот и изнудувал од 32.000 до 250.000 долари по човек. Од нашето МВР велат дека во текот на 2018 година кај нас се пријавени вкупно три случаи од овој вид, додека од почетокот на 2019 година досега има четири пријави

Ариел Боитеукс, или попознат како аргентинскиот волшебник за љубов. ги наведувал жените да му испратат свои секс-снимки, а потоа ги уценувал за пари. Ариел, всушност, им ветувал на луѓето дека ќе им најде љубов со помош на магија. Тој ги рекламирал своите услуги на социјалните мрежи и велел дека соработува со волшебници од Парагвај. Подоцна беше откриено дека истите тие ги уценувал за неколку илјади долари, а Ариел беше осуден на две години затвор. Вакви случаи најчесто и не се пријавуваат, затоа што на таков начин се обелоденува проблемот на оштетените лица.

Кај нас ваквите настани сѐ уште се табу-тема. Стравот од срам предизвикува лицата да не пријавуваат вакви случки. Од нашето Министерството за внатрешни работи велат дека во текот на 2018 година кај нас се пријавени вкупно три случаи од овој вид, додека од почетокот на 2019 година досега има четири пријави. Според МВР, интернет-уцените и изнудите за пари најчесто се случуваат преку лажен профил на социјалните мрежи. Сторителите на ваквите дела се обидуваат да извлечат видеа или слики со интимна содржина, со кои подоцна ќе ги уценуваат жртвите за одредена сума пари.

– Овие дела најчесто се извршуваат преку социјалните мрежи, преку непосредна комуникација во која сторителите преку лажни профили се претставуваат како лица од женски пол. Користејќи лажни податоци и слики, тие ги наведуваат лицата на снимање или фотографирање на интимата. Потоа, со намера за себе или за друг да прибават противправна имотна корист, го зачувуваат тоа видео и започнуваат да упатуваат закани кон оштетените за јавно објавување на снимените материјали на социјалните мрежи, доколку не им биде уплатена одредена сума пари – велат од МВР.

Сличен начин на пристап имал и Ариел. Меѓу неговите клиенти голем број биле жени на кои им гарантирал дека со негова помош ќе им биде подобрен љубовниот живот. Но во неговата магија немало ништо магично, туку интернет-уценување. Тој најчесто ги мамел очајните и наивни луѓе. Откако клиентите ќе контактирале, тие прво дознавале дека сесиите се прават на далечина, а не лично. Подоцна им била давана листа на работи што треба да ги изведат за овој магичен ритуал. Вообичаено, тоа значело дека тие мора да постават одреден сет сцени при кои би се фотографирале. Потоа ги замолувал да пијат алкохол, да рецитираат експлицитни содржини и да вршат сексуални дејства. Се разбира, целиот процес требало да биде фотографиран или снимен. Потоа, снимките требало да му ги испратат, со намера Ариел да ја заврши магијата. Тој оштетил повеќе од 200 луѓе низ светот. Изнудувал и по 32.000 долари од една жртва, а во еден случај, побарал и 250.000 долари, бидејќи станувало збор за јавна личност со многу пари.

Светскиот пример со аргентинскиот волшебник за љубов треба да биде опомена. Од МВР велат дека е потребно граѓаните да бидат внимателни во остварувањето на контактите преку социјалните мрежи. Исто така, треба да внимаваат во делот на зачувувањето на приватните фотографии и видеоматеријали и на пристапот до нив од други лица. А доколку станат жртви на овој вид изнуди или уцени, да го пријават тоа во најблиската полициска станица.


Чекори што можат да се преземат против сајбер-уцени

Низ светот зачестија интернет-уценувања во кои се изнудуваат пари за експлицитни содржини. Сајбер-уцените имаат разни шеми за изнудување. Според „Емисофт“, најчестите се оние во кои уценувачите на жртвите им велат дека им ги хакирале мобилните уреди или компјутерите и дека им нашле пораки, слики и видеа со експлицитни содржини. Сајбер-уценувачите вообичаено ги користат личните информации на жртвите, кои често може да се најдат поставени на социјалните медиуми. Им праќаат е-пошта во која најчесто напомнуваат дека ги поседуваат нивните лични информации и дека им го хакирале компјутерот или мобилниот уред. Со хакирањето велат дека овозможиле пристап до нивните контакти, веб-камера и веб-историја и дека нашле содржини од сексуална природа. Изнудувачите подоцна бараат одредена сума пари за да не ги објават тие содржини во јавноста.

Разни безбедносни сајбер-пробивања во изминативе години се случија во големите компании како „Адобе“, „ЛинкедИн“, „Тамблр“, како и во многу други. Иако голем број лични податоци се протечени и отворени за користење од страна на сајбер-уценувачите, сепак тие најчесто користат податоци кои се јавно достапни. Алармантно е што во некои случаи тие може да ја знаат лозинката, но и во такви случаи тие немаат пристап до мобилниот уред или до компјутерот. Според „Гардијан“, има неколку чекори кои треба да се направат во ваков случај. Првиот чекор е да ги информирате властите дека сте уценувани. Доколку платите, имајте на ум дека уценувањето има мала веројатност дека ќе запре. Вториот чекор е да бидете смирени, да ја смените лозинката и да го игнорирате уценувањето. Доколку вашите податоци се протечени, тоа може да се провери на https://haveibeenpwned.com/ и во тој случај треба да си ја смените лозинката на уредот.

[email protected]