Орхан Алити и српскиот државјанин Љуљзим Сулејмани им помогнале на шестмина патници да се спасат од автобусот на „Беса Транс“ по несреќата во Бугарија, кршејќи го задното прозорско стакло, објавува „Би-би-си“.

Алити со голема мака успеал да го скрши стаклото и да излезе од автобусот, при што ја скршил ногата, но неговиот син останал во автобусот. Орхан се обидел да го повика да скокне надвор, но момчето, за жал, не успеало да се спаси.

Братот на Орхан, Самет, во изјава за „Тетова1“ кажал дека Орхан пријавил оти автобусот се запалил, а набргу по несреќата и се јавил и на сопругата која живее во Белгија. Состојбата на Орхан е стабилна, но тој не знае дека неговиот син е меѓу жртвите, како што посочил неговиот брат.

„Би-би-си“ наведува и дека кога Орхан излегол од запалениот автобус, за малку ќе го однел автомобил кој поминувал на автопатот, но возилото не застанало и покрај очигледноста на трагедијата која се случувала.

Трагедијата ја преживеала и 16-годишната Зулејха, чиј татко за „Би-би-си“ изјавил дека неговата ќерка му се јавила по несреќата за да му каже дека е жива.