Фото: Игор Бансколиев

Иако интензивните врнежи од снег беа најавени однапред од страна на Управата за хидрометеоролошки работи, сепак многумина од возачите не ги испочитуваа предупредувањата, но и препораките за задолжително користење зимска опрема. Низ целата држава можеа да се забележат заглавени и излизгани моторни возила, но и тешки товарни возила, а според официјалните податоци, во вакви услови на патиштата загина едно лице

Голем број возачи неподготвени за зимските услови на патиштата

Снежните врнежи и ниските температури предизвикаа огромни проблеми за возачите, но и за надлежните државни служби. На голем број патни правци низ државава беше воведена забрана за движење на товарни возила, а некаде беше воведено задолжително монтирање и користење зимска опрема.
„Македонија пат“ со целата механизација беше излезена на терен каде што се чистеа патиштата, но сепак ниските температури предизвикаа хаос од голомразица по која не секој возач знае и умее да вози.

И ПОКРАЈ ПРЕДУПРЕДУВАЊАТА, МНОГУ ВОЗАЧИ ВОЗАТ БЕЗ ЗИМСКА ОПРЕМА

Иако интензивните врнежи од снег беа најавени однапред од страна на Управата за хидрометеоролошки работи, сепак многумина од возачите не ги испочитуваа предупредувањата, но и препораките за задолжително користење зимска опрема.
Ништо подобра не беше ниту сликата во главниот град, каде што низ сообраќајниците можеа да се забележат излизгани возила, возила заглавени пред нагорнини, но и излетани додека се движеле по надолнини.
За некои од граѓаните ваквото несовесно однесување ги става во ризик сите учесници во сообраќајот.
– Недозволиво е кога знаете дека условите низ улиците се навистина сурови, вие да излезете со возило со летни гуми и да се обидете да возите. Со тоа несвесно се ризикуваат голем број животи, се ставаат во ризик сите. На угорнината на населбата Железара имаше заглавено возило што се обидело да се качи, но не успеало, па заглавило и со вклучени четири трепкачи беше оставено на улицата. Со тоа се ризикуваат сите возачи бидејќи улицата беше лизгава, а зимските услови не дозволуваат брзо реагирање бидејќи голомразицата го прави своето – вели Бојан Стојановски.

Низ целата држава можеа да се забележат заглавени и излизгани моторни возила, но и тешки товарни возила, а според официјалните податоци, во зимските услови загина едно лице.
– Како резултат на состојбата на патиштата, во деноноќието на 13 и 14 февруари, и наносите на снег и лизгавите коловози, бележиме благо зголемување на сообраќајните незгоди. Така, на поширокото подрачје на Скопје се регистрирани 14 незгоди, за среќа, само со материјална штета и три со полесни повреди. Но, за жал, на магистралниот пат Гостивар – Кичево се случила сообраќајна незгода со една жртва, кога патничко возило излетало од патот – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму апелираат до возачите, доколку немаат посебна потреба, да не излегуваат со возилата, а доколку сепак мораат да се вклучат во сообраќајот, да бидат особено внимателни и строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на задолжителната зимска опрема и приспособувањето на брзината спрема условите на патот.

КАКО ДА СЕ ВОЗИ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата неодамна апелираа до возачите да бидат многу внимателни кога возат во зимски услови, а особено кога на улиците се појавува голомразица.
– Зимските услови на патиштата најчесто се карактеризираат со намалено триење (фрикција) помеѓу гумите и коловозот, предизвикано од лед или снег на патот. Намаленото триење, пак, ги отежнува контролата и управувањето со возилото (поаѓање, забрзување, забавување, контрола при свијоци). Триењето помеѓу две површини што се допираат е пропорционално со големината на површините, а како поим за мерка на триење се користи „коефициент на триење“ и тој може да има вредност помеѓу 0 и 1. Така, на пример, ситуација во која се изгубило триењето помеѓу гумите и коловозот и дошло до губење на контрола на возилото, се дефинира со коефициент 0. А ситуација со најдобар коефициент на триење се дефинира со коефициент 1. Значи дека колку е подобра контролата врз возилото, толку е поголем коефициентот на триење. Сите знаеме дека е полесно да се управува со возилото на суви коловози, малку потешко на влажен, а вистински „кошмар“ е управувањето на замрзнат коловоз. Коефициентот на триење кога се вози на сув коловоз е од 0,80 до 0,85, на влажен од 0,45 до 0,50, а при возење на замрзнати коловози само од 0,05 до 0,10 – е наведено од страна на РСБСП.

Оттаму нагласуваат возачите да бидат особено внимателни кога сакаат да излезат со возило во снежни услови. Од РСБСП велат дека возачите треба да избегнуваат нагло вртење, кочење или забрзување на возилото, бидејќи ваквите дејства најчесто се причина за губење контрола над возилото.
– Потребно е монтирање соодветни пневматици. Зимските пневматици се специјално дизајнирани за возење по замрзнат коловоз и се многу побезбедни од обичните. Подлабоките вдлабнатини и поголемата еластичност при ниски температури го зголемуваат триењето помеѓу коловозот и пневматикот – информираат оттаму.
Од РСБСП велат дека дефанзивното возење, односно предвидување каде би можеле да очекуваме отежнати услови и навремено превземање превентивни мерки е најдобриот начин да се спречат поголеми инциденти.
– За да се обезбеди максимално триење при возење по угорница, удолница или кривина, основно правило е навремено намалување на брзината. Кинетичките сили што влијаат врз возилото во овие околности дополнително го оптоваруваат коефициентот на триење и може многу лесно да се изгуби контрола. Доколку се изгуби контрола, и покрај сите преземени мерки и претпазливост, и возилото почне да пролизгува по коловозот, сечија првична реакција е притискање на сопирачката. Но наспроти оваа инстинктивна реакција, се препорачува отпуштање на сопирачката. На овој начин најлесно може да дојде до враќање на контролата и исправување на правецот на движење на возилото – истакнуваат оттаму.

[email protected]