Фото: Зоран Антоски

На воениот полигон Криволак денеска ќе се изврши третото и последно уништување на експлозивни и убојни средства за годинава, откако на 9 и 14 месецов се извршени првите две уништувања. Експлозивните средства се пронајдени ширум државата во последните 12 месеци, собрани во седумте региони, а потекнуваат од Балканските , Првата и Втората светска војна и воената криза од 2001 година.

– Сите убојни и минско-експлозивни средства пронајдени во земјава во изминатите 12 месеци се уништуваат во три наврати месецов, откако претходно на 9 и 14 јули беа извршени првите две уништувања. Уништувањето се врши на воениот полигон Криволак од страна на 7 пиротехничари од Подрачните оделенија и тројца пиротехничари од ДЗС Скопје. Во изминатиов период собрани се и ќе се уништуваат повеќе видови експлозивни средства од рачни бомби, противпешадиски, противтенковски мини и противавионски бомби. Покрај убојни средства, на Криволак ќе се уништуваат и пиротехнички средства преостанати во наменската фабрика „Сувенир Самоков“. Деновиве од седумте региони убојните средства беа транспортирани до воениот полигон  -рече Драгољуб Попоски од ДЗС.

Попоски напомна дена традиционално најголем број убојни средства се собираат од струмичко-гевгелискиот и битолскиот регион каде била линијата на фтонтот во Првата светска и двете Балкански војни, како и од кризата во 2001 година, во кумановскиот , тетовскиот и во скопскиот регион. На оваа оперција ќе присуствуваат првите луѓа на ДЗС и високи претставници на АРМ. З.А.