Фото: Игор Бансколиев

Извршен е увид во Гостивар, на местото каде денеска со нож беше убиена 78-годишна жена, а со повреди во болница завршија нејзината ќерка и зетот.

-Настанот се случил утринава околу 4 часот, во станот на улицата „Илинденска“ во Гостивар. Осомничениот, поради нерасчистени должничко доверителски односи, влегол во станот на оштетените каде ги затекнал сопругата на оштетениот и нејзината мајка. Со употреба на нож првин ја нападнал 78 годишната старица, а потоа и на оштетената и задал повеќе убодни рани. При излегување од станот го сретнал и го нападнал и оштетениот, по што избегал. Во својот дом тој ја фрлил облеката што ја носел и облекол пожарникарска униформа – соопштија од ОЈО Гостивар.

Од страна на единицата при Министерството за внатрешни работи по неколку часа бил пронајден и приведен.

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот, за кој се бара притвор.

Оштетените се пренесени во болница каде старицата починала од зададените убодни рани, а брачниот пар е надвор од животна опасност и по лекарските интервенции се задржани на болничко лекување. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата 78-годишна жена е предадено на обдукција.