Македонскиот државјанин Џ.М. (36) што е осомничен за убиството на својата сопруга во австриски Тулн, наводно, бил поддржувач на Исламската држава, објавува австрискиот интернет-портал „ОЕ24“.

Веста за убиството е проследена со фотографија преземена од Фејсбук, на која наводно се забележува осомничениот како позира со испружен показалец на десната рака, што претставува поздрав на озлогласената Исламска држава.

 

Македонскиот државјанин дошол во Австрија за да работи како молер. Џ.М. имал проблеми со коцкањето што придонеле за неговото агресивно однесување, според неговиот брат од Македонија, со кого австриските новинари тврдат дека стапиле во контакт. Тој вели дека осомничениот го уништил целото семејство, кое веќе не сака да има никаков контакт со него, пренесува „ОЕ24“.

Џ.М. се сомничи дека ја избодел до смрт неговата сопруга, која исто така е од Македонија, на паркинг пред супермаркет во австриски Тулн, по што бил уапсен.

Брачниот пар има две деца на возраст од шест и десет години, кои не биле присутни на местото на злосторството. Децата се згрижени од надлежните институции.