Осудениот за убиството на Мартин Нешкоски, Игор Спасов, привремено е пуштен од затворот „Идризово“ поради здравствени проблеми. Тој првично добил прекин на издржувањето на затворската казна од 22 јуни до 7 јули, за судот потоа да го продолжи прекинот до 6 август, врз основа за медицинската документација.

– Поради сомневање за влошување на здравствената состојба, на барање на КПД Идризово, по претходно доставена молба од осудениот и приложена медицинска документација, на осудениот му се одобрува прекинот на казната од 22 јуни до 7 јули. Во медицинскиот наод е наведено дека актуелната здравствена состојба кај осуденото лице се следи суспектен наод на липоматозна туморозна формација која дијагностички треба да се потврди, а заради која прекинот на казната е одобрена – се наведува во соопштението од Управата за извршување санкции при Министерството за правда.

На 5 јули Основниот суд Штип го известил КПД Идризово дека на барање на осудениот, му се продолжува прекинот на казната, и тој ќе се врати на доиздржување на казна затвор во КПД Идризово на 6 август годинава.

– Барањата на осудените лица или на казнено-поправните установи кои се однесуваат на влошена здравствена состојба или потреба од клинични испитувања, се предмет на одобрување на прекин на казната од страна на Управата за извршување на санкциите и надлежните судови. Прекинот на издржување на казната не се засметува во издржаниот дел на казната – се вели во соопштението. 

По Спасов ќе биде распишана потерница доколку не се врати во затворот на 7 август, а притоа судот не ги извести Управата и затворот дека му дал евентуален дополнителен период за лекување.

Спасов е осуден на 14 години затвор за убиство на Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2011 година.