Не постојат точно одредени карактеристики за самоубиствен бомбашки напад. Бомбашите самоубијци произлегуваат од сиромашни средини и, главно, екстремно религиозни средини

ПОСТОИ ЛИ ПРОФИЛ НА БОМБАШ САМОУБИЕЦ?

За повисоки цели, поттикнати од религиски мотиви, за Бог, за општо добро, за заштита на одредени интереси, се само мал дел од оправдувањата при самоубиствените бомбашки напади. Станува збор за луѓе што веруваат дека нивната смрт е за одредено добро или за некоја висока духовна, државна, национална или физичка цел. За бомбашите самоубијци, наводната херојска смрт е нешто возвишено, нешто дадено од Бога. Еден Палестинец изјавил дека ваквото самоубивање е дар од Бога.

Главната причина зошто некој се одлучува да се впушти во самоубиствена мисија е комбинација од надворешни фактори во групата во која припаѓа, но и од психолошките фактори на самата личност. Не постојат точно одредени карактеристики на бомбаш самоубиец. Главните фактори се социоекономски и религиски, не исклучувајќи ги личните психички фактори. Бомбашите самоубијци произлегуваат од сиромашни и екстремно религиски средини, каде што има традиција на одредени самоубиствени и насилни чувства. Според експертите, бомбашите самоубијци како оправдување за сторените дела ја користат исламската религија, наводно за да не бидат обвинувани како прекршувачи на исламската долговековна традиција. Но бомбашите самоубијци не се карактеристика само за земјите со исламска вероисповед. А и самиот чин првпат е забележан во земја со друга религиска определба.

Првиот самоубиствен бомбашки напад се случил во далечната 1881 година, на први март. Убиецот сакал да го убие тогашниот цар на Русија, Александар Втори. Царот преживеал седум обиди за убиство, пред бомбашот конечно да ја реализира целта. Креаторот на првата ваква бомба е Николај Иванович Кибалчич, кој дизајнирал и ракетен мотор, што ги импресионирал советските ракетни научници. Поради тоа, тие му оддале почест така што еден кратер на Месечината именувале во негово име.
Оттогаш бомбашите самоубијци имаат убиено повеќе од 72 илјади лица, а бројот на повредени е двојно поголем.

Од 2011 до 2018 година се случиле голем број напади, кои одзеле илјадници животи. Минимум десет од нив биле реализирани од бомбаши самоубијци. Откога е реализиран првиот ваков напад, секоја година сѐ повеќе расте бројот на жртви и на самоубијци.
Во историјата е забележано дека само во 1976 година воопшто не се случиле самоубиствени бомбашки напади. Четириесет години подоцна, во 2016 година, се случиле дури 469 во дури 28 држави низ светот. Досега 55 држави во светот биле сведоци на напади од овој тип.

Откако почнале да се реализираат, направени се дури 13.500 снимени самоубиствени напади. Најчесто тие што се одлучуваат на ваков чекор се мажи. Според постојната статистика, дури 90 проценти од нападите се реализирани токму од мажи.
Во одредени средини честа е злоупотребата на деца за вршење терористички акти. За жал, најмалата жртва што поради некои причини била жртвувана за нечии цели е момче од само четири години, додека најстариот бомбаш самоубиец бил Јапонец на 72-годишна возраст.

Во последните неколку години, 14 проценти од сите самоубиствени напади, или еден од седум, се извршени од деца. На 30 октомври 1980 година, тринаесетгодишно момче од Иран се самоубило себеси заедно со војници од Ирак, користејќи рачна граната. Во негова чест, голем број улици, болници и училишта се именувани по него. Дури има и златен споменик со негова фотографија во чест на неговото дело. По овој инцидент, голем е бројот на деца што се приклучуваат во единицата на самоубијци во Иран. Бидејќи неговото дело се смета за херојски подвиг, 52 илјади деца во негова чест стануваат бомбаши самоубијци.
Статистиката покажува дека бомбашите самоубијци ги има насекаде и се припадници на секоја религија. Регистрирани се убијци муслимани, будисти, христијани, шиити и Индуси. Забележан е само еден бомбаш самоубиец што бил Евреин, меѓутоа тој не влегува во официјалната статистика затоа што бомбата не му се детонирала при нападот.
Во периодот од 1980 до 2017 година се случиле три илјади самоубиствени напади на Средниот Исток, убивајќи дури 32 илјади лица, а повредувајќи повеќе од 76 илјади лица. Тоа, всушност, е половина од светските самоубиствени напади. Речиси сите вакви напади во 1980 година во Средниот Исток се случиле во Либан.
Во ваков напад умира и главниот разузнавач на ЦИА. На 18 април 1983 година, бомбаш самоубиец со камион натоварен со илјада килограми експлозив убива 17 Американци во американската амбасада во Бејрут, каде што се наоѓал и разузнавачот.

Првиот самоубиствен бомбашки напад, пак, насочен исклучиво кон цивили се случува во 1994 година во Израел, во близината на две средни училишта. Осум цивили биле убиени при нападот, а 55 биле повредени. Оттогаш, во Израел се случиле повеќе од 37 илјади самоубиствени напади. Во нив, 721 лице го изгубиле животот, а повеќе од пет илјади биле повредени. Дури 95 проценти од жртвите во Израел се цивили.
Еден од најпознатите напади реализирани од бомбаши самоубијци е нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк, Соединетите Американски Држави. Во овој напад, животот го загубија повеќе од две илјади лица.

[email protected]