Синоќа, по полноќ, на скопскиот аеродром бил приведен 28-годишниот М.М. од Гостивар, кој бил баран со централен распис од гостиварската канцеларија за криминалистички работи.

Имено, на 6 јули годинава против него била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело загрозување на сигурноста.

Гостиварецот се сомничи дека преку социјалните мрежи упатувал закани, односно ја загрозил сигурноста на функционер во Владата.

Тој е задржан во Полициската станица Гостивар и ќе биде изведен пред судија во претходна постапка во Основниот суд во овој град.