Браќата Ербер и Бесник Бојку се уапсени во голема полициска акција спроведена синоќа од страна на Отсекот за потраги и специјалците „Тигри“, пренесуваат повеќе медиуми повикувајќи се на полициски извори.

Браќата Бојку биле фатени на регионалниот пат Струга-Дебар, на влезот на село Велешта. Двајцата, наводно, биле вооружени.

Станува збор за синовите на Дилавер Бојку, кој сред бел ден беше убиен од позади грб во Струга, во август 2017 година. Убиството уште не е разрешено.

Ербен Бојку се бараше за издржување на затворска казна од 21 година поради убиство, нелегална трговија со оружје и други кривични дела, а Бесник Бојку, наводно, бил приведен поради поседување на оружје.

– На 19.3.2021 околу 21.45 часот на патот Струга-Дебар, пред селото Велешта полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка-Отсек за потрага во соработка со ОСОСК и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го лишија од слобода Е.Б. (35), кој се барал со потерници од Основен суд Струга по чл.123, чл.396 и чл.244 од КЗ на РСМ, осуден на казна затвор од 21 година – соопшти денеска МВР.