Единаесет лица беа уапсени во Србија од страна на полицијата, во акција што е резултат на соработка на српската полиција со Федералното истражно биро на Соединетите Американски Држави. Уапсените се државјани на Србија, Црна Гора, Австралија и Филипините. Тие се во притвор, по што ќе следува сослушување, соопшти српското обвинителство за организиран криминал.
За уапсените постојат основани сомненија дека дејствувале како криминална група уште од 2011 година. Досега заедно учествувале во создавање, промовирање и организација на најмалку 16 лажни инвестициски платформи, користејќи интернет и онлајн страници, со што за себе набавиле противправна имотна корист повеќе од 70 милиони долари.

– Групата дејствувала така што низ целиот свет пронаоѓала заинтересирани инвеститори, вклучувајќи ги и оние од северниот округ на државата Тексас, кои биле измамени и инвестирале во лажните инвестициски платформи за бинарни опции, каде што припадниците креирале лажни трговски трансакции, лажни потврди за подигање пари и исплати – информираат од обвинителството.
Единаесеттемина припадници на криминалната група се согласиле да инвестираат, служејќи се со лажни идентитети и користејќи лажни титули, преку имејл-адреси или преку видеоконференциски врски давале налози за уплата на парични средства, со кои наводно ги уплаќале своите инвестиции на меѓународни банкарски сметки поврзани со организаторите на групата.

На овој начин, според полицијата, криминалната група нелегално заработила повеќе од 70 милиони долари.