По повеќемесечни активности, денеска по насока Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, извршена е голема полициска акција во која учествувал и одделот за специјални полициски операции, со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје.

Како што информираат од МВР, при тоа се приведени десет лица, на возраст од 35 до 54 години од Скопје и Тетово, меѓу кои и тројца полициски службеници и петмина царински службеници.

Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, а тројца од нив дека сториле и кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

При претрес кај едно од лицата бил пронајден и одземен кокаин.

– Во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои два полициски службеника, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на границата со Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната – посочуваат од МВР.

Лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, а во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал, по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.