Полицијата поднесе кривични пријави за измама против тројца скопјани кои купувале возила, ама не ги плаќале.

Според информациите на МВР, Единицата за внатрешни работи Аеродром и Драчево поднесе кривични пријави за сторени кривични дела „измама“ против Н.И.(27), Н.А.(30) и А.А.(32), сите од Скопје.

Н.И. на 13.04.2021, свесно ја довел во заблуда  С.С.Т. од Скопје, со која усно договориле купопродажба на „БМВ 350 Д“ за цена од 2.500 евра, за што пријавениот на оштетената ѝ дал 600 евра и 14.000 денари, по што го зел возилото со договор потоа да го донесе остатокот на парите, но не се вратил и не ги донел парите.

Н.А. и А.А., пак, со намера да се стекнат со противправна имотна корист во 2019 година, го довеле во заблуда Г.Р., кој на „Фејсбук“ имал оглас за продажба на „фолксваген поло“. Тие со оштетениот потпишале и кај нотар завериле купопродажен договор за предметното возило за цена од 5.000 евра, без притоа да му платат, а возилото го продале на трето лице од Охрид за цена од 4.500 евра.