Фото: Илустрација

Девет пожари моментно се активни, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, додавајќи дека ангажирани се сите расположливи ресурси со што се надева дека во текот на денешниот ден ќе биде воспоставена контрола врз сите пожари.

Околу селото Дренак дејствуваат три хеликоптери од Србија заедно со еден хеликоптер на АРМ, додека втората посериозна ситуација е околу Пехчево, каде што исто така утринава делувал армиски хеликоптер.

Други активни пожари има во Валандово, во месноста Погана, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, во Прилеп, поточно на Плетвар, како и во Делчево. Пожарот во Кичани, пак, е ставен под контрола, како што посочи Ангелов.

Тој напомена дека е побарана помош од Словенија и од Грција, но дополнително ќе информира кога би требало да пристигне.