Во Основниот суд Скопје 1 Скопје денеска треба да се одржат судски рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со кодно име „Триста“, „Титаник“ и „Тарифа“.

Предметот со кодно име „Триста“ се однесува на злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи. Во овој предмет обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски. Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Предеметот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази. 

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Во Кривичен треба да се одржи рочиште и за предметот со кодно име „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.