Во текот на изминатото деноноќие,  во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Македонија, од страна на МВР беа ангажирани околу 450 полициски службеници, како и 165 мото-патроли и 148 возила.

Во текот на посочениот период, во непосредна близина на пожарот кај месноста „Стара депонија“ во Штип бил затекнат С.Г. (57) од Штип со патничко возило „опел астра“, во кое при контрола се пронајдени изгорени пружини, за кои појаснил дека ги палел за да ги продаде како отпадно железо. Известен е Јавен обвинител, а по комплетирање на материјалот ќе следи соодветен поднесок.

Синоќа во 20.10 часот на репетитор Водно од страна на полициска патрола се затекнати три лица кои се движеле во шумскиот појас и тие биле задржани во полициска станица, по што против нив е поднесен соодветен поднесок.

МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои се подолго време изложени на сонце и можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец, апелираат од МВР.