Сашо Мијалков

Судењето за случајот на СЈО „Трезор“ за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање продолжува на 21 декември.

На денешното рочиште, на кое со полициска придружба од затворот „Скопје“ каде издржува 30-дневен притвор беше спроведен поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беа читани и изведувани материјални докази.

Покрај Мијалков, во „Трезор“ се обвинети и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Според обвинителниот акт, со основниот договор за набавка на опремата буџетот на РМ бил оштетен за над 13 милиони денари, додека, пак, со двата анекса за дополнителни 13 милиони и 222 илјади денари, со што државата ја оштетиле за околу 27 милиони денари.

Сашо Мијалков деновиве ќе треба да се појави и во Апелацискиот суд на седница на која ќе се разгледува неговата жалба за притворот. Од Апелација велат дека точниот термин за одржување на седницата се уште не е утврден.