Со новата поротничка одново започна судењето за случајот „ТНТ“, откако вчера поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска поднесе оставка. На судењето не дојде обвинетиот ексградоначалник, Тони Трајковски, а неговиот адвокат Јовица Страшевски објасни дека немал добиено покана.

– Тони ми кажа дека нема покана пред 10 минути – рече адвокатот Страшевски.

За судијата Огнен Ставрев, обвинетиот Трајковски е уредно поканет, бидејќи покана била испратена по судски курир, а тој не сакал да ја прими.

– Преку судскиот курир беше испратена поканата на неговата адреса, никој не сакал да му отвори врата – рече судијата Огнен Ставрев, на што адвокатот Страшевски одговори „тој има две адреси. Судскиот курир живее на 100 метри од него”, па Ставрев му врати „седете, вие се знаете”.

Поради повторно отсуство на Трајковски судијата не можеше да одржи рочиште, па за утрешното рочиште рече дека ексградоначалникот ќе биде стражарно приведен.

– Ако Трајковски продолжи вака, мерките ќе бидат построги – посочи Ставрев.

Рочиштето за незаконското рушење на „Космос“ беше одложено поради отсуството на Трајковски, кој утре ќе треба да биде стражарно донесен. Претходно тој отсуствуваше бидејќи беше натепан, па се правдаше дека е задржан во болница.