На улицата „Перо Илиевски“ каде што се одвиваа оружените престрелки во кумановското Диво Насеље, наместо разрушени и изрешетени куќи, може да се забележи дека животот тече нормално, по четири години од конфликтот, пренесува „Макфакс“.

Изградени се нови домови, во модерен стил, со средства од државата и од донации. Но, жителите велат, да точно е, куќите се нови, но свежи се сеќавањата на кобните настани од 9 и 10 мај во 2015 година. За разлика од тогаш, овојпат жителите на Диво Насеље не беа многу расположени да евоцираат спомени. Велат дека им паѓа тешко да се враќаат назад затоа што вооружените престрелки им ги враќаат траумите.

– Никогаш повеќе да не ни случи Диво  Насеље, не само на Куманово, туку никаде во светот. Овој настан засекогаш ќе остави трага во нашите животи, колку и да сакаме да зборавиме, не е возможно. Ние и ден денеска се прашуваме, што навистина се случи, од каде и зошто, кој се обиде да ни го наруши мирот? Но, среќен сум што, не не поведе омразата и гневот. Останавме разумни и не дозволивме никој да не во вовлече во таа игра ако можам да ја наречам – изјави за А1он, претседателот на месната заедница Тоде Мендол, Шабан Демири.

За настаните од 9 мај, неми сведоци, останаа четири куќи изрешетени од шрапнели, кои не беа реновирани поради вмешаност на сопствениците во терористичкиот напад.

Звуци од истрели и пукотници од бомби… Пред точно четири години на 9 мај, жителите на Куманово вака го дочекаа утрото. За само неколку часа, стана јасно, дека во близина на градот, поточно во кумановското Диво Насеље, се одвива оружена престрелка. Гореа куќи, градот го надлетуваа полициски хеликоптери, а оклопни возила на полицијата и специјалците ги блокираа влезот и излезот од населбата. Од мирно и раздвижено, Куманово се претвори во место на страв, паника и загриженост.

Вознемирени жени и лица на расплакани деца беа сликите кои го одбележаа кобниот 9 мај, кога полицијата ги извлекуваше од куќите каде што се одвиваше акцијата за разбивање на терористичка група.

– Се води војна, летаат куршуми на сите страни. Се сокривме во подрум и молчевме. Не знаеме што се случува. Децата цело утро плачат – вака дел од жителите на населбата Диво Насеље го опишаа почетокот на крвавата престрелка.

Светла точка во приказната за настаните од 9 и 10 мај е што тој не успеа, да ги раскара граѓаните и да заврши со меѓуетнички конфликт. Напротив, во овие денови Македонците и Албанците беа заедно и порачуваа до т.н. нарачатели на настанот, дека идејата за земање пушка в раце, нема да им успее. Тензичните 28 часа додека траеше акцијата, жителите ги поминаа заедно на неколку пункта каде што се делеше вода, храна и меѓусебно се храбреа дека оваа е само кошмар, кој набрзо ќе заврши.

На настаните од 9 и 10 мај претходеше, инцидентот во караулата Гошинце кон крајот на април 2015-та година. Четириесет маскирани и вооружени лица со ознаки на УЧК ја нападнале караулата во која имало четворица дежурни полицајци и ги разоружале. На тројца од нив им ги врзале рацете со лисици, почнале да ги удираат, а сетоа тоа го снимале на камера.

Тогашниот портпарол на МВР, Иво Котевски изјави дека во 2.30 часот по полноќ во селото Гошинце, општина Липково бил извршен државен терористички напад.

Две недели подоцна, во населбта Тоде Мендол, или меѓу кумановци позната како Диво Насеље, започна акцијата за разбивање на терористичка група. Вооружените престрелки помеѓу терористичката група и македонските специјални сили траеја 28 часа, од 4 часот наутро на 9-ти до 10 часот вечерта на 10-ти мај, по што групата беше разбиена терористичката група.

Во првичните разговори со лицата, кои претходно се предале на полицијата, било посочено дека групата има намера да изврши напади врз државни и цивилни цели, кои би започнале со спроведување од средината на мај.

Во оружената престрелка од страна на македонските безбедносни сили загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба. На страната на терористите, на лице место беа пронајдени 10 мртви тела во униформи. По извршената обдукција беше потврдено дека се убиени девет косовски и еден македонски државјанин.

Лидери на акцијата биле убиените Мирсад Ндрецај и Бег Ризај, со Мухамед Красниќи, познат како командат Малишева, Сами Укшини понат како командат Соколи и Дем Шаху командат Јануку. МВР по акцијата информираше дека оваа група била закана за целиот регион која претходно извршила бројни напади, а нејзините членови биле барани со меѓународни потерници.

Една година подоцна полицијата ја спроведе акцијата „Молња“ во која апсени беа седум лица на возраст од 20 до 74 години, од кои три се од кумановското село Отља, две од скопско Брест и по едно од Арачиново и Матејче. Во домовите на осомничените беа пронајдени карти на голема Албанија, оружје и муниција.

По ова следеше судска постапка во која беа обвинети 40-тина лица за кривично дело тероризам.

Процесот заврши со првостепена пресуда од седум доживотни затворски казни, 13 казни од 40 години затвор, додека шест лица беа осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, а по двајца затвор од 14 и 13 години. Четворица од групата се ослободени од обвиненијата, поради немање доволно докази, а на 16 обвинети судот им изрече и казна протерување засекогаш од територијата на државата. Предемот е обжален на Апелација и се очекува седница за затворските казни.