До неодамна зависниците од хероин беа реткост во Африка. Во 80-тите и 90-тите години од минатиот век корисници можеа да се најдат само на туристичките места, како што се градовите Занзибар во Танзанија или Јоханесбург во Јужноафриканската Република. Според Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации, од 2006 година потрошувачката на хероин во Африка се зголемила побрзо отколку на кој било друг континент.

Трговијата со дрога има ужасни ефекти, не само врз јавното здравје туку и врз политиката. Подемот на употребата на хероин во Африка делумно е одраз на неговата голема побарувачка на глобално ниво, особено откако талибанците ја консолидираа својата застапеност во делови од Авганистан, каде што се прави 85 отсто од хероинот во светот. Во 2017 година, производството на опиум се зголеми за 65 отсто, на 10.500 тони, што е највисоко ниво забележано во периодот откога почнаа да се собираат податоци во 2000 година, пишува весникот „Економист“.

Во последните неколку години се чини дека значително е зголемено количеството хероин што се испраќа од Авганистан по морска мрежа по патиштата низ Источна и Јужна Африка. Поголемиот дел од хероинот е наменет за западните пазари, но истовремено се случува зголемување на побарувачката и на локалните пазари.

Интегрираниот регионален криминален пазар се разви и почна да ги обликува политичките случувања во регионот. Африка сега го доживува најголемото покачување на потребата од хероин во светот, а истовремено се зголеми и спектарот на криминалните мрежи и политичките елити што значително се вклучени во овој бизнис.

– Со авганистанскиот хероин се тргува во секој регион во светот, освен во Латинска Америка. Балканската маршрута е најважна за трговијата со хероин во Западна и Централна Европа. Благодарение на граничните контроли, поврзаноста со мрежата и анализата на ризикот што ја извршуваат самите трговци, балканскиот пат на хероинот се дели на влезот во Југоисточна Европа – се вели во извештајот на Обединетите нации од Канцеларијата за дрога и криминал од 2014 година.

Овој извештај го дели балканскиот пат во три насоки. Северната гранка поминува низ Источен Балкан: Бугарија, Романија, Западна и Централна Европа. Јужната гранка, пак, вклучува само една земја од Југоисточна Европа, Грција, и генерално води кон Италија. Според истражувањето, јужната маршрута за хероинот поминува пред портите на Македонија. Западната гранка се однесува на траекториите низ Западен Балкан, Косово, Македонија, Србија.

Освен што е зголемено производството на хероин, зголемен е и уделот на културите од афион со кои се тргува преку Африка. Таканаречениот „балкански пат“, кој ги опфаќа Иран, Турција и Југоисточна Европа, е главниот правец за дистрибуција на хероинот на Запад. Но во текот на изминатата деценија движењето на дрогата по оваа маршрута стана потешко поради Турција, која ги затвори своите граници како одговор на војната во Сирија и за спречување на напливот од бегалци. Како резултат на тоа, поголем дел од жетвите на афион се испраќа по должината на јужната маршрута. На овој пат, понекогаш нарекуван „смек трек“, хероинот се зема од Авганистан и се носи до Макрански Брег во Пакистан, каде што пратките се ставаат на традиционални арапски бродови со триаголни едра. Дел од хероинот исто така се шверцува преку контејнери во поголеми бродови. Во текот на годината, за време на сезоната на монсуните, бродовите пловат југозападно низ Индиски Океан, пред да се закотват во близината на Сомалија, Кенија, Танзанија и Мозамбик. Помалите чамци ги собираат пратките, земајќи ги на плажите и заливите, или на комерцијални пристаништа. Оттаму, хероинот се превезува по земја низ Јужна Африка и се испраќа или пренесува во Европа или Америка, стои во извештајот на „Енакт“.

– Властите во голема мера не успеваат да ја запрат трговијата на хероин. Од 2010 година, во Арапско Море се одвиваа повеќе акции од страна на мултинационалните поморски сили за справување со трговијата на хероин. Но овие сили се насочени кон разбивање терористички акции, а не разбивање акции со дрога. Тие го запленуваат хероинот поради тоа што продажбата на дрога помага во финансирањето на талибанците, но, од друга страна, немаат ингеренции со кои можат да ги уапсат шверцерите. На копно ситуацијата е малку поинаква. Полицијата можеби и не се обидува да најде решение за тргувањето со хероин, затоа, исто како и властите, и нивните политички патрони честопати се во групата со трговците на дрога. Корозивниот ефект што трговијата со хероин го има врз политиката е најочигледен во Мозамбик. Иако не може да се потврди со податоци, хероинот е најголем или втор по големина продукт, по јагленот, што се извезува од Мозамбик – смета Џозеф Ханлон од Лондонската школа за економија.

Податоците за корисниците на јужноафрикански хероин се необични. Постојат повеќе од илјада корисници што примаат третман, а од пред речиси две децении немало ниту еден случај. Според процените, има околу 75 илјади лица и 0,2 отсто од возрасните што инјектираат хероин. Сепак, инјектирањето е само еден начин на кој може да се консумира хероинот. Многумина го пушат во токсичен коктел од прашок за перење, таблети за спиење и метамфетамини. Голем број корисници што навидум се откажуваат одреден период од консумирање на хероинот, подоцна ја делат својата крв со другите зависници и повторно продолжуваат да користат хероин. Во земја каде што ХИВ е проширен и заболувањето е вообичаено, ризикот е доста висок за пренесување болести.

За Крејвен Енгел, свештено лице што раководи со „Камп Џој“, центар за рехабилитација од зависности во близината на Кејптаун за членови на банди што земаат дрога, нема сомнеж дека хероинот сега е „модерна дрога“. Тој вели дека во текот на изминатите пет години го надминал метамфетаминот како најчест избор на дрога.